Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Не само што нема зошто да му се извинам на Мицкоски, туку јас барам извинување од него

ЏАБИР ДЕРАЛА

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи (26 февруари 2023 г.) се впушти во непримерен и груб вербален атак врз мене лично и неколку интернет портали кои „се дрзнале“ да пренесат вест што се однесува на неговата имотна состојба. Тој во објавата се заканува и бара во рок од 24 часа да му се извинам јас, односно медиумите што ги наведува во својата објава.

Во својата објава, Мицкоски наведува (со скриншот) пет македонски медиуми (Бриф, 24 Инфо, Фронтлајн, НоваТВ и Индекс) кои сосема произволно, без аргументи, како од ракав, ги доведува во врска со своите политички опоненти, што е крајно неприфатливо, а притоа ги доведува и во врска со само еден човек, со име и презиме, а тоа сум јас. Најмалку што може да се каже е дека со тоа тој свесно и злонамерно ја доведува јавноста во заблуда.

Да не зборуваме за тоа дека Мицкоски го изврши овој груб атак за пренесен текст. Не мој, авторски, туку пренесен текст. Согласно законот, за текстовите што се објавени, одговорен е авторот, односно изворот. Во случајов, тоа не сум јас, ниту медиумите во кои имам некаква функција. Кога некој се впушта во вакви операции, најмалку што треба да направи е да се консултира со стручни лица.

Оваа објава на социјалните мрежи е непримерна за еден политичар и претседател на парламентарна политичка партија во земјата. Навистина.

*

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, влегува во лична пресметка и се нафрли врз мене со клевети и закани. Но не сум само јас таргетот. Тој во својата објава се обидува да ги дискредитира медиумите и да им се закани. Со ваквото однесување, Мицкоски директно ја загрозува слободата на говорот и медиумските слободи. Овој атак не е насочен само против редакциите што произволно ги наведува во својата објава, туку и кон сите други што би се дрзнале да кажат нешто што нему или на неговата партија на им се допаѓа.

Познато, премногу познато – сме го поминале сето тоа. За жал, ваквото однесување не е само наше минато, туку и горчлива сегашност.

*

ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска ги повика новинарските здруженија, регулаторни и саморегулаторни тела, како и граѓанските здруженија за заштита на човековите права и слободи, да го осудат и да го отфрлат ваквото непримерно однесување на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. И јас лично се придружувам кон овој повик. Се надевам дека ќе има реакција.

Оваа ситуација не е новост. Јавниот линч, говорот на омразата и заканите против медиумите што ги пласираат радикалните политички групи и партии во нашата земја траат со години, да не речам со децении.

Во овој случај, кон јавниот линч се придружи и самиот претседател на политичката парија ВМРО-ДПМНЕ!

*

Мицкоски врши јавен притисок, ме доведува мене и моите колешки и колеги во опасност од одмазда и ја загрозува нашата безбедност, чест и углед, како лично, така и на професијата со која се занимаваме.

Тој се заканува и со тужби, со што дополнително покажува дека е спремен, со сите средства да се бори против слободата на говорот и медиумските слободи.

*

Еве што му одговорив на адвокатот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој испрати барање за извинување и повлекување на пренесениот текст:

Почитуван г-дине Мицкоски,

Во врска со Вашиот Фејсбук статус објавен на ден 26.02.2023 година, на Вашиот профил Hristijan Mickoski, Ве известувам дека:

Поврзано со текстот на порталот ИНДЕКС (index.mk), со наслов „Мицкоски купил и реновирал куќа во Козле вредна еден милион евра“, во објавениот Ваш Фејсбук статус ме споменувате мене, со име и презиме, во контекст на барањето: „…медиумите блиски на ДУИ (лице вработено во кабинетот на Артан Груби) и СДСМ (Џабир Дерала) да ми се извинат за лагите кои ги објавија…“.

За жал, г-дине Мицкоски, Вашето барање за мое извинување е апсолутно неосновано, бидејќи јас не сум автор на текстот, па поради тоа не можам да Ви се извинам за туѓи текстови што Вие ги нарекувате „лаги“, ниту во име на Порталот ИНДЕКС (како автор/извор на текстот), ниту пак во име на медиумите што ги споменувате.

Напротив, поради споменувањето на моето име и презиме во Вашиот објавен Фејсбук статус од 26.02.2023 година, во негативна конотација, а во интерес на вистината и објективното информирање на јавноста, со цел да се спречи понатамошното нарушување на мојот углед и достоинството, преку објавување на погоре изнесените клевети од Ваша страна, барам веднаш по приемот на ова Барање да ми се извините за изнесените клевети и Вашето извинување, како и овој демант да го објавите на Вашата Фејсбук страница/профил Hristijan Mickoski

Во спротивно, ќе бидам принуден заштитата на мојата чест и углед, да ја остварувам по судски пат.

Останувам во очекување на објавување на Вашето извинување и овој демант во целост.

Со почит,

Џабир Дерала

*

Значи, не само што нема зошто да му се извинам на Мицкоски, туку јас барам извинување од него. Искрено, не очекувам дека ќе бидам позитивно изненаден. Но никогаш не се знае…

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен