„Ќе ви кажам зошто ВМРО-ДПМНЕ во Струмица брутално ќе изгуби. Затоа што повторно се затвара во таа капсула на партизација на институциите во државата. Конкретен пример, кога одреден министер, дополнителен министер макар и во техничка влада го посетува градот, покрај тоа што е дополнителен министер од ВМРО-ДПМНЕ сметам дека и тоа како имаме што да разговараме за предизвиците со кои ние се соочуваме како општина. Дали знаете дека дополнителната министерка за финансии дојде во Струмица во посета на неколку компании и држела прес-конференција од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од нејзе, било кој министер кога оди во посета во општина којашто е менаџирана од градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ секогаш министерот или министерката се сретнувале со градоначалникот каде што сметам дека има што да се сподели во однос на проблемите со кои се соочува општината. Сите се добродојдени во Струмица. Имаме што да споделиме. Јас така ја замислувам мојата држава како една нормална земја којашто стреми да биде интегрирана во европското семејство. Се друго води кон партизација на институциите“, изјави градоначалникот на Струмица и член на ИО на СДСМ, Костадин Костадинов на емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Според Костадинов, Стево Пендаровски во неговиот мандатот покажа дека има капацитет да придобие гласови од албанскиот електорат и од страна на македонскиот електорат и од страна на сите други заедници коишто функционираат во државата.
„Затоа, не гледам причина зошто Стево Пендаровски, доколку биде номиниран од страна на конгресот на СДСМ, не ја добие потребната поддршка од коалиционите партнери и генерално од целото мнозинство“, изјави Костадинов, давајќи поддршка на Пендаровски како кандидат за претседател.
„Поприлично се важни локалните самоуправи во било каков изборен циклус, дали ќе бидат тоа претседателските или парламентарните избори. Не може цело време да се критикуваме за некаква бетонизација, а во исто време да ни биде нормализирано прашањето околу нови 250 илјади метри квадратни во Ѓорче, а да не биде ништо друго нормално. Зошто правам споредба и паралела со Струмица? Оти струмичката опозиција не критикува зошто во Струмица нови 45 хектари зелена површина, нешто што не го гледаме во Град Скопје или во општините под Град Скопје“, потенцираше Костадинов.