Грција цврсто стои на страната на храбриот украински народ кој се бори за независноста и суверенитетот на својата земја. Нашата поддршка за Владата и народот на Украина е континуирана и искрена, соопштија од грчкото МНР за двегодишнината од почетокот на рускиот напад врз Украина, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција истакнуваат дека „нелегалниот руски напад врз Украина резултираше со загуба на илјадници животи и непроценливи катастрофи“ и посочуваат дека не ги забораваат жртвите во Мариупол, „областа каде со векови се развија грчки заедници“.
– Нашиот став е категоричен: промените на меѓународно признатите граници со употреба на воена сила се спротивни на Повелбата на Обединетите нации, а со тоа и неприфатливи. Почитувањето на територијалниот интегритет, на националниот суверенитет и независноста на сите држави и воздржувањето од употреба на сила или закана за употреба на сила во меѓународните односи се основни принципи на меѓународното право и принципи на грчката надворешна политика за кои не може да се преговара, соопштија од грчкото МНР.