Холандската полиција денеска уапси 17 учесници на климатски протест на активистичка група „Бунт против истребување“, откако со своите возила го блокираа автопатот А10 во Амстердам.
Полицијата соопшти дека предизвикале „опасност по животот на другите учесници во сообраќајот и на самите нив“.
Автомобилите што ги користеа активистите за да го блокираат сообраќајот се конфискувани, а на А10 после тоа останале меѓу 400 и 500 демонстранти.
Градскиот совет на Амстердам претходно упати „итен апел“ до климатските активисти да не протестираат на автопатот А10.
Првата блокада на овој автопат се случи на крајот на декември и траеше пет часа, по што беа уапсени над 400 активисти, а шестмина од нив беа казнети со 200 евра.