Двајца членови на либански Хезболах се убиени рано утрово во израелски напад врз камион во Сирија, во близина на границата со Либан, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.
Израел изврши стотици напади врз Сирија од почетокот на граѓанската војна во соседната земја во 2011 година, главно насочени против организации блиски до Иран, вклучувајќи ги Хезболах, сојузниците на сирискиот режим и сириската армија.
Тие напади се интензивираа од почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската исламистичка организација Хамас.
Опсерваторијата со седиште во Велика Британија соопшти дека ракетата била истрелана врз камион меѓу провинцијата Хомс и предградијата на Дамаск.
Сириските државни медиуми не јавија за нападот, а Хезболах веднаш не коментираше.
Дамаск и неговите предградија често се цел на израелски напади. Во претходниот, во средата, беше погодена станбена зграда во главниот град на Сирија. Загинаа три лица, меѓу кои еден Сириец и двајца странци, соопшти Опсерваторијата. На 10 февруари таа извести дека три лица биле убиени во израелски напад врз зграда западно од Дамаск, во област каде што се присутни членови на либански Хезболах и други проирански организации.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, Хезболах објави дека загинале најмалку 14 негови борци.