Сајбер насилството погодува 50 отсто од средношколците во Северна Македонија, а половината од нив поради страв не го пријавиле истото. Повеќе од 39 отсто од анкетираните се соочиле со сајбер насилство повеќе од два пати.
Најголем дел од учениците, односно 65,5 отсто, се изјаснуваат дека имаат потреба од доедукација за сајбер безбедност бидејќи сметаат дека немаат доволно знаење за заштита од хакерски напади и пробивање на личните податоци.
Ова го покажа извештајот насловен како „Дигитализацијата и сајбер безбедноста, сегашноста и иднината на учениците”, кој го изработи Аналитика тинк-тенк. Тамара Мијовиќ Спасова, извршната директорка на Аналитика, го отвори денешниот настан потенцирајќи дека социјалниот живот на младите е префрлен на социјалните мрежи но тие во голема мера не се свесни за ризиците на интернет како cajбер булингот, споделување на приватни податоци, како и дека еднаш објавена содржина на интернет останува засекогаш во сајбер просторот. Истражувањето било спроведено лани во август на репрезентативен примерок од 313 ученици од три училишта во град Скопје.
„Проектот за сајбер булинг е посебен поради фактот што преку него директно се обучија 50 ученици и 15 професори со техники и вештини за безбедно користење на интернетот и другите дигитални технологии. За училиштата, поддршката од градоначалниците и нивните иницијативи кои се насочени кон борбата против сајбер насилството е клучна за заштита на нашата младина. Ако сакаме да постигнеме вистински напредок во ова, од суштинско значење се континуираните работилници, обуки за препознавање и заштита од сајбер нападите“, изјави Спасова.
Со оглед на тоа меѓуврсничкото насилство започнува уште во основните училишта, Аналитика објави прирачник за сајбер безбедност наменет за наставниот кадар, учениците и родителите, како и мобилна апликација со едукативен и информативен карактер од областа на сајбер безбедноста која е веќе поставена на Play Store. Локалните самоуправи се неминовна алка во целиот процес на заштита од сајбер булинг.
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, кажа дека борбата со булингот мора да биде заедничка и единствено како таква ќе се намали и спречи.
„Во општина Центар многу сериозно работиме за подигнување на свеста за булингот и заштитата од истиот. Во сите осум наши училишта особено изминатата година имавме навистина многу работилници, обуки и предавања од психолози, педагози, претставници од Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации со цел учениците да го препознаат булингот, а наставниците и стручниот кадар да научат како да постапат за да го спречат“, изјави Герасимовски.
Алвин Салимовски, директор на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ потенцираше дека бројките од истражувањето се разочарувачки и затоа заштитата на учениците од потенцијалните ризици е исклучително важна.
„Од обуките кои се реализираа во нашето училиште се забележува дека учениците и не се толку не информирани, обучувачите практично работеа директно на нивните мобилни телефони и им кажаа какви заштита треба да стават и беа изненадени дел од ученците веќе имаат заштита. Но сепак недостасува континуирана обука не само за учениците туку и на наставници за препознавање на сајбер безбедноста“, рече Салимовски.
Проектот е поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија и има за цел да ја процени примената на механизми и методи за сајбер безбедност кај младите и да идентификува колку учениците се информирани за опасностите кои постојат на сајбер просторот.
Преземено од агенцијата МЕТА