Охрид ќе биде градот каде што ќе се одржи средбата меѓу Косово и Србија, која е најавено дека ќе се одржи на 18 март.
Ова го соопшти специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак.
-Имав одлична средба со заменик-(претседателот на Владата за европски прашања) Маричиќ. Благодарен сум на Северна Македонија за силната поддршка на Дијалогот и со нетрпение го очекувам следниот состанок на дијалогот во Охрид кон крајот на овој месец. Разговаравме и за суштински прашања за европската иднина на Северна Македонија, напиша Лајчак на Твитер.
Страните на состанокот на 27 февруари во Брисел се договорија да нема повеќе средби за француско-германскиот план (европски план).
Тие се согласија за европскиот план од 11 точки, но не го потпишаа. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека беше подготвен да го потпише, но според него српскиот претседател Александар Вучиќ не бил подготвен.
Косовскиот аналитичар за ЦИВИЛ Медиа го коментираше договорот Курти-Вучиќ
ЦИВИЛ Медиа разговараше со косовскиот интелектуалец и политички коментатор Беким Кабаши за последните случувања во дијалогот Косово-Србија. Тој во својот одговор рече дека двете страни се победници бидејќи се договориле да го отворат патот за помирување меѓу двете земји.
-До оваа фаза нема победници или губитници. Оценувам дека двете страни се победници, бидејќи се согласија да направат важен чекор напред кон договор кој би го отворил патот за мир и помирување меѓу двете земји и покрај тоа што тој се уште не е потпишан, рече Кабаши.
Тој подвлече дека е потешко да се договори делот од анексот во кој ќе се прецизира формата на спроведување на договорот отколку самиот договор.
-Во тој дел, како што знаеме, страните, меѓу другото, ќе треба да се договорат и за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, што е наведено во точка 10 од договорот. Курти рече дека точките од договорот ќе треба да се спроведат според редните броеви, а не да се даде приоритет на последната точка. Додека пак, српскиот претседател Вучиќ вели дека нема да потпише ништо додека не почне имплементацијата на договорот за Заедницата од 2013 и 2015 година. Од друга страна, меѓународната заедница, а особено Соединетите Американски Држави, продолжија да вршат притисок врз Косово да започне со формирање на Заедницата, рече Кабаши.
Тој на крајот нагласи дека од сето ова, до сега, се уште не можеме да славиме што страните се договориле да стават крај на споровите меѓу нив, особено кога ќе се земе предвид односот на господинот Курти кон Заедницата, кое пред извесно време објави 6 условни точки за негово формирање.
Н. Абдурахмани (ЦивилМедиа)