На 1 март, со почеток од 19 часот, во Музеј на македонската борба, во организација на Музичка младина на Македонија започнува четвртото издание на циклусот концерти „Слободна среда“.
Со годинашнава програма се планирани шест концерти на кои ќе се претстават повеќе од 50 млади музичари, на возраст од 10 до 30 години, од повеќе градови во Македонија.
-Платформата „Слободна среда“ претставува циклус концерти на кои настапуваат повеќе музичари или состави од музичари – инструментални и вокално-инструментални – кои се претставуваат со едно до две дела. Концертите им овозможуваат на младите учесници постепено да градат искуство на сцена и пред публика. Нѐ радува тоа што секоја следна година заинтересираноста кај младите е сѐ поголема, а среда веќе станува резервиран термин и кај публиката – истакнува Александар Герасимовски од Музичка младина на Македонија
Концертите ќе се одржат на 1, 15, 22 и на 29 март, како и на 5 и 12 април, сите со почеток од 19 часот, во Музејот на македонската борба, а влезот за нив е бесплатен.
„Слободна среда“ е содржина од 60-годишниот јубилеј на Музичка младина на Македонија, поддржана од Министерство за култура.