Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Хеда Габлер“ во Драмски театар, Фестивал „Крај Вардарот Џез“, „Паника“ во велешки театар, „Божествен“ концерт, филм „Анатомија на падот“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме концерти, театарски претстави и филм… Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен во Драмски театар Скопје

„Хеда Габлер“работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје. Претпремиерата ќе се одигра на 19 април (петок) со почеток од 20 часот, а премиерната изведба е в сабота (20 април) од 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“.

Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман- Сања Арсовска, Судијата Брак- Зоран Љутков, Јерген Тесман- Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг- Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата истакнува дека во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки  уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост.

Сања Арсовска

Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвара можности внатре во него да се интервенира  во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања  условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.

Актерката Сања Арсовска, која ја толкува насловната улога, истакнува дека и се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.

„Паника“ во Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес

19 април (петок) со почеток од 21 часот е терминот за премиерната изведба на претставата „Паника“ во режија на Александар Ивановски, со актерите Стефан Николовски и Филип Христовски.

Драмата „Паника“ од финскиот автор Мика Мулуахо навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени.

Ова е приказна за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа.

Адаптацијата на текстот е на Александар Ивановски, драматургијата на Катерина Момева, а сценографија на Филип Коруновски.

Концерти: Петто издание на „Крај Вардарот Џез“

Од 20 до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез“, фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика.

Попов и Дробицки за годинашното фестивалско издание селектираа изведувачи на македонска авторска музика која не им робува на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.

Петтото издание на „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов: визионер, иницијатор, куратор и организатор на фестивалот и целокупната музичка дејност поврзана со работата на „ПМГ Џез“, сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“. „ПМГ Џез“ зад себе има 46 изданија македонска музика.

Организаторите посочуваат -Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје. Како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардаро… !” која беше инспирација за името на фестивалот.

Програмата се состои од 3 вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.

На 20 април (сабота) во едукативниот културен центар Лабораториум во 21 часот ќе настапат „Cobalt Code Unit“, фракција од четири млади музички аскети, кои неуморно талкаат низ пространствата на јужнобалканските традиции на импровизирана и ритуална музика, контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж. До сега имаат издадено два албуми „Rural“ и „Soilwork“ и еден видео албум „The Yadro Concert“.

На 23 април (вторник) во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова со концерт на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна за липите на „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“… Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Како 44 издание за ПМГ Џез е албумот во живо од концерт на пијано на Иванова на музика од Пандевска, реализиран во рамки на програмата “Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“.

Веднаш потоа во 21 часот следи концерт на Биг Бенд – музика на Кире Костов, посветен на еден од стожерите на современата џез композиција, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Кире Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал.

На 27 април (сабота), во Лабораториум, вечерта ќе започне со концерт на „Macedonian Free Society“. Нов креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез музика, во состав: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за „ПМГ Џез“, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.

Во 22 часот ќе започне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти кој го иновира начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од Оливер Митковски, еден од најголемите актери од средната генерација во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе. Поетроника фрла ново светло на стиховите од Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески.

Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум. Концертниот настап „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар. 

Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна.

Концерт: „Божествен“ во Филхармонија

По повод најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи в четврток на 25 април, со почеток во 20 часот.

Премиерно во Македонија, ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 насловена „Трагична“ од австрискиот композитор Франц Шуберт.

Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин-диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „ПроАрс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.

„Седумте последни зборови од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поновото време. Станува збор за нарачка од страна на Би-би-си ТВ и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди за време на Светата недела во 1994 година, од хорот „Капела Нова“ и Шкотскиот ансамбл, под диригенство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија, за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни зборови од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан, затоа што е мошне комплексно и катарзично.

Австрискиот композитор Франц Шуберт, кој му припаѓа на доцниот класицизам и раниот романтизам, има импресивен опус. За разлика од неговите први три симфонии кои се покласични и лежерни, неговата Четврта „Трагична“, која ја напишал пред своите 20 години, е под влијание на Бетовеновиот опус, и според некои биографи, таа е обид за втора верзија на „Ероика“. Довршена е во 1816, но премиерно била изведена дури на 19 ноември 1849 во Лајпциг, две децении по смртта на авторот.

Конрад ван Алфен

Маестро Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент кој се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите.

Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертнисерии во Ротердам, Хаг и Амстердам.

Филм: „Анатомија на падот“

Еден од насловите кои ја обележаа изминатава сезона сигурно е францускиот филм „Анатомија на падот“ (Anatomie d’une chute; 2023, 152 мин., колор, ДЦП), во режија на Жастин Триет (Justine Triet), по сценарио на Триет и Артур Харари (Justine Triet, Arthur Harari), со Сандра Хулер, Свон Арло, Мило Мачадо – Гранер (Sandra Hüller, Swann Arlaud, Milo Machado-Graner) во главните улоги.

Во овој судски трилер писателката Сандра Војтер станува главна осомничена по несреќниот случај кога нејзиниот сопруг мистериозно загинува, паѓајќи од балкон. Единствен сведок на трагичниот настан е нејзиниот слеп син, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Сандра мора да се соочи со последиците од чувањето тајни, справувајќи се со судењето за убиство на нејзиниот сопруг, додека нејзиниот невин син мора да избере помеѓу семејната лојалност и вистината.

„Анатомија на падот“ ја испитува тенката линија кога вистината станува фикција, а фикцијата вистина. Триет употребува минималистички стил во филмската нарација и елипсовидна монтажа. Филмот ја освои „Златната палма“ на 76-тото издание на Кански филмски фестивал минатата година, потоа два „Златни глобуси“ и „Оскар“ за најдобро оригинално сценарио.

„Анатомија на падот“ е на програмата на Кинотеката на 25 април (четврток) од 17:00 ч.,
26 април (петок) од 17:00 ч. и 30 април (вторник) од 20:00 ч.

Зачлени се на нашиот е-билтен