Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Потпишан Кодексот за фер и демократски парламентарни избори – распределбата на средства за политички маркетинг главен проблем на помалите партии 

Претставници на политичките партии и коалиции, денеска, во Кристалната сала на законодавниот дом го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе се одржат на 8 мај.

Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.

– Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите, истакна претседателот на ДИК Даштевски.

Со потпишувањето, вели Даштевски, политичките партии се обврзуваат дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

– Најголемиот дел од претставниците на политичките партии го потпишаа Кодексот и се надевам дека со потпишувањето ќе се грижат за спроведување на тие правила, бидејќи тоа не е нешто што е задолжително. Задолжително е да се организира настанот, меѓутоа почитувањето зависи од етиката која што ја применуваат. Што повеќе се почитуваат овие правила, тоа повеќе демократијата е на повисоко ниво во Република Македонија, бидејќи нашата основна цел е влез во ЕУ, а таму важат овие принципи, истакна Даштевски по потпишувањето на Кодексот.

Претставници на политичките партии и коалиции, денеска, во Кристалната сала на законодавниот дом го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе с

По потпишувањето изјави за медиумите дадоа претставниците од политичките партии и коалициите кои беа присутни, при што беше нагласена неурамнотеженоста во распределувањето на државните средства за политички маркетинг меѓу големите и малите политички субјекти.

Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, посочи дека во ек на претседателска кампања голем број на кандидати за Парламентот се директно инволвирани говорници коишто повикуваат за поддршка на претседателските кандидати, по што ја повика Државна изборна комисија да го преиспита тоа.

– Големите политички субјекти од народни и државни пари ќе добијат за политички маркетинг девет милиони евра, а малите политички партии по осум илјади евра, па граѓаните нека заклучат. Во полн ек е претседателската кампања за сите претседателски кандидати гледаме како се одвива, дека голем број на кандидати за Парламентот се директно вклучени инволвирани говорници коишто повикуваат за поддршка на претседателските кандидати. Тоа ДИК треба да го преиспита, рече Димитриевски.

Фото: МИА
Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и претставникот на коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски

Претставникот на коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, исто така укажа на начинот на државното финансирање на политичката кампања. Вели идејата на државното финансирање на изборната кампања е да го поттикне политичкиот плурализам, а не да се финансира само главната политичка власт и опозиција, затоа, истакна дека не го потпишал Кодексот.

– Огромни суми се издвојуваат само за четири коалиции или четири политички партии и како што рече претходниот мој говорник трошки за сите останати. Идејата на државното финансирање на изборната кампања, на изборниот процес е да се поттикне политичкиот плурализам, рече Јакимовски.

Претставниците на двата најголеми македонски политички блока, Коалиција за европска иднина предводена од СДСМ и коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека ќе водат фер и позитивна кампања, базирана на нивните програмски ветувања и се обврзаа на почитување на етичките и морални стандарди и правила. 

Изјави дека го потпишале Кодексот дадоа и претставниците на Нова Алтернатива, Европско граѓанско движење и Твоја партија, доколку пак, претставниците на Демократи, Десна и Работничка партија изјавија дека не го потпишале Кодексот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен