Насилството врз жените е „епидемија“ во Австралија, изјави премиерот Ентони Албанезе, додека илјадници луѓе протестираат во Сиднеј и други поголеми австралиски градови за да повикаат на построги закони за родово засновано насилство, пренесува Ројтерс.
Собирите се поттикнати од бранот насилство врз жените за што Владата вели дека оваа година убива по една жена на секои четири дена. Протестите, исто така, следеа по масовниот напад со нож во Сиднеј овој месец, во кој загинаа шест лица, од кои пет жени.
Демонстрантите кои бараат построги кривични закони се собраа во Сиднеј, главниот град на државата Нов Јужен Велс, на митинг, а потоа и на протестен марш поради што беа затворени улиците во градот.
Некои демонстранти носат натписи на кои пишува „Почит“ и „Нема повеќе насилство“. Околу 3.000 луѓе се собраа пред зградата на градскиот парламент во Аделаида, главниот град на Јужна Австралија.
Премиерот Албанезе истакна дека утре ќе присуствува на собир во главниот град Канбера. „Ќе шетам со жени низ Австралија за да кажам – доста е“, напиша тој на социјалната мрежа Х.
„Насилството врз жените е епидемија. Мораме да бидеме подобри“, додаде тој.
Во Аделаида, сенаторката од Партијата на Зелените, Сара Хансон-Јанг изјави дека е потребен „национален одговор за итни случаи“ за да се реши проблемот.
„На жените им е здодеано да им кажуваат „да, тоа е лошо, но не можеме многу да направиме’“, рече Хансон-Јанг.
Слични протести се закажани викендов и во главните градови Перт, Западна Австралија; Мелбурн, Викторија; Хобарт, Тасманија; и Бризбејн, Квинсленд.
Родовото насилство е тековен проблем во Австралија, земја со 26 милиони жители. Во 2021 година, десетици илјади луѓе се собраа поради наводите за сексуална злоупотреба и недолично однесување на некои од највисоките политички функции во земјата.