„Поврзано со употребата на името на нашата држава, едно е јас Борјан Јовановски, ти Сашо Ордановски, друго е кога јас Борјан Јовановски би застапувал некоја институција, која патем е поврзана со некој меѓународен договор, да постапува така како што постапува. И тука, се комплицираат работите. За мене не е неочекувано“, посочи Борјан Јовановски на поткастот „Политиканти“, на Слободен печат во однос на неупотребата на уставното име на државата од страна на новата претседателка Силјановска Давкова и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски.
Орданоски дополни дека тој е изненаден од брзината на ескалацијата на ситуацијата, како и дека со изјавата на Христијан Мицкоски топката се префрла на внатрешната политичка сцена на Грција.
Тој посочи дека не е јасно кому му е тоа од корист, како и „ќе се видиме во Хаг“. Ордановски посочи и дека до толку е ескалирана работата, што и Грција нема да може да се повлече.
„Во Грција ова стана тема број 1. И оваа тема дава страшен ветер во едра на екстремната десница која има база во Грција и изборите се за 10 дена, за да евентуално го превенира тој наплив, цунами, на екстремната десница. И се разбира дека Мицотакис треба да биде уште поекстремен во неговите настапи. Јас не сум изненаден затоа што и Мицкоски и Силјановска го најавија ова во предизборието и не знам зошто луѓе мислат, тоа е кампања па се шегуваме. Не, тоа се пресериозни теми,“ рече Јовановски.
Орданоски истакна дека поконкретното прашање е зошто сето тоа?
„Кога си во политика, кога ескалираш на ваков драстичен начин, за кратко време треба да има некое објаснување, зошто тоа го правиш. Тие објаснувања можат да бидат разнолики. Може да незнаеш, може да имаш идеологија која не ти овозможува ништо друго да правиш. Може да си невешт. Може да имаш план. Кој е планот?“, прашува Орданоски.