Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Реакции на израелскиот план за прекин на огнот во Газа што го претстави Бајден

– Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го поздрави предлогот за договор за прекин на огнот во Појасот Газа, кој вчера го претстави американскиот претседател Џозеф Бајден.

Гутереш на Х изјави дека е дојдено време да се стави крај на „страдањето и уништувањето во Газа“ и ги повика сите страни да ја „искористат можноста за прекин на огнот, ослободување на сите заложници, гарантиран непречен хуманитарен пристап и на крајот одржлив мир на Блискиот Исток“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен исто така изјави дека се согласува со Бајден дека предлогот е значајна можност да се придвижи кон крај на војната и страдањето на цивилите во Газа.

– Овој пристап од три чекори е избалансиран и реален. Сега му е потребна поддршка од страните, напиша Фон дер Лајен на Х.

Планот го поздрави и германската министерка за одбрана Аналена Бербок, која оцени дека израелскиот предлог презентиран од Бајден „нуди трошка надеж и можен излез од воениот ќорсокак“.

Таа, исто така, нагласи дека милитантната група Хамас мора да ја докаже својата посветеност за крај на конфликтот.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го поздрави планот на Израел, како и поранешниот американски претседател Барак Обама, кој рече дека прекинот на огнот „нема да го реши долгогодишниот конфликт меѓу Израелците и Палестинците“, но оти „може да го запре тековното крвопролевање“.

Бајден вчера го претстави израелскиот план во три фази за ставање крај на конфликтот во Газа, што израелските власти му го понудија на Хамас.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел ги овластил преговарачите да презентираат договор за прекин на огнот во Газа, откако Бајден откри детали од планот за прекин на огнот.

Во исто време, палестинската милитантна група Хамас соопшти дека позитивно гледа на содржината на израелскиот предлог за прекин на огнот во Газа, претставен од Бајден.

Зачлени се на нашиот е-билтен