Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Србија нови правила за патување со автобус, патникот ќе може да носи само една торба

 Во Србија патниците кои патуваат на одмор со автобус преку агенции од денеска ќе можат да носат само еден багаж, односно куфер по седиште тежок 23 килограми, јави дописникот на МИА од Белград.

Ова правило не е обврзувачко и е резултат на договор меѓу агенциите, бидејќи во текот на претходните години големата количина на багаж на патниците претставувала сериозен проблем за превозниците, а се случувало да пукнат и полуосовините на автобусите поради тежината на толку многу багаж.

-Ова правило е воведено заради безбедноста на патниците, бидејќи автобусите не можат да превезуваат неограничени количини багаж, а претходните години се случуваше некои патници да носат по неколку куфери по лице, многу дополнителна опрема, па дури и чамци, изјави директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (ЈУТА), Александар Сеничиќ.

Како што кажа, планирано е и дополнителниот багаж да се наплаќа 30 евра по парче, но, како што нагласи Сеничиќ, патниците пред да патуваат мора да проверат во агенцијата дали, без разлика што ќе платат, ќе можат да внесат уште еден куфер.

Сеничиќ изјави и дека патниците треба да знаат дека според Законот за безбедност во сообраќајот на Србија предвидена е казна од 300.000 до 2 милиони динари за внесување куфери во кабината во која се превезуваат патници.

Патниците, како што појасни, со себе секако можат да внесат еден рачен багаж во автобусот, а тоа е оној што може да се смести во просторот над седиштето.

-Тежината на багажот сигурно нема да се мери во грамови, но 23 килограми се сериозна тежина, особено кога одите на море, бидејќи не се иселувате од државата, туку одите на одмор, рече Сеничиќ.

Тој изјави дека тежината од 23 килограми за багаж е земена како оптимална и дека оваа тежина ја применуваат и авиокомпаниите.

Сеничиќ исто така рече дека сите патници биле информирани и предупредени за новото правило при купувањето на аранжманите, бидејќи правилата за багаж се составен дел на програмата, како и општите услови за патување, со кои патниците се обврзани детално да се запознаат. 

Зачлени се на нашиот е-билтен