Без траги на насилство или повреди кои упатуваат на кривично дело се првичните резултати од обдукцијата на телото на британскиот новинар и презентер на Би-Би-Си Мајкл Мосли, кое вчера беше пронајдено во карпеста област во близина на плажа на островот Сими, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според државната агенција АНА-МПА, претпладнево на островот Родос била завршена обдукцијата, а причината за смртта се смета за неутврдена, поради тоа што телото е во напреднa фаза на распаѓање.
Телевизијата ЕРТ објави дека ќе следат дополнителни анализи за утврдување на причината за смртта на 67-годишниот новинар, а според сценаријата во грчките медиуми веројатно му се слошило поради високите температури, во комбинација со карпестиот дел без дрва и ладовини.
Британскиот новинар и презентер на Би-Би-Си, познат по емисијата „Верувај, ми, јас сум доктор“ (Trust Me I’m a Doctor) Мајк Мосли, во средата исчезна на малиот грчки остров Сими, а вчера претпладне беше пронајден мртов.
Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели, а во средата со чамец заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, во време кога на островот било особено топло со температура од околу 40 степени Целзиусови, а не го носел мобилниот телефон.
Сими е мал остров во јужниот дел на Егејското море, во близина на Родос и има нешто повеќе од 2.500 жители.