Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Злосторникот на местото на злосторството

ЏАБИР ДЕРАЛА

Злосторникот, се прикраде под плаштот на ноќта, и дојде на местото на злосторството. Без срам, во знак на крајна ароганција и омаловажување на меѓународната правда која издаде налог за негово апсење, воениот злосторник, рускиот диктатор, Владимир Путин, дојде да се слика во окупираниот украински град Мариупол.

Тоа е истиот град кој Русите, под команда на злосторникот Путин, го срамнија со земјата, бидејќи не можеа поинаку да го освојат. Градот буквално го уништија. Се проценува дека 90-95% од градбите во Мариупол се уништени или тешко оштетени. Опсадата траеше три месеци, иако украинската одбрана беше далеку помалобројна и послабо вооружена од онаа на орките, како што се нарекуваат припадниците на руските агресорски сили.

Битката кај индустрискиот комплекс Азовстал, кој украинските бранители го претворија во неосвоиво упориште, влезе во историјата на човештвото како херојски подвиг со кој беше предизвикан и понижен неспоредливо посилен непријател – агресор. Гневот поради неуспехот да го окупира градот, рускиот агресор го истури врз цивилното население, со невидена ѕверска ладнокрвност. Со непрекинато бомбардирање, изгладнување, уништување на инфраструктурата за снабдување со основните животни потреби и со блокирање на хуманитарната помош – така им успеа да го окупираат овој град херој, симболот на украинскиот отпор, како што ќе напишат во Си-Ен-Ен.

Се проценува дека се убиени повеќе од 25.000 цивили во тримесечната опсада. Невооружените цивили, меѓу кои голем број жени и деца, беа подложени на систематско бомбардирање, дури и со меѓународно забранетото термобарично оружје и други моќни артилериски и ракетни полнења.

Тоа е градот во кој беше убиена и малата Тања чиј живот згасна од дехидрација додека лежеше покрај мртвото тело на својата мајка под урнатините на нејзиниот дом, погоден од руските бомби. (Прочитајте: Можеш ли да замислиш? – посветено на малата Тања од Мариупол)

Ете, таму реши да оди потврдениот воен злосторник кој со своите крвави канџи го држи престолот во Кремлин. Исто како и Хитлер во 1941 година, ќе напише советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Антон Герашенко.

Ноќниот упад на Путин во Мариупол е лошо планиран. Од строго контролираниот материјал што е достапен, може да се заклучи дека тој е параноичен и уплашен. Ништо во неговото доаѓање во окупираниот Мариупол не може да се поврзе со победник. Напротив, само уште еднаш потврди дека е криминалец за кого меѓународната правда издаде налог за апсење поради воени злосторства.

Со оваа избрзана и нервозна постапка, Путин предизвика само уште погласна осуда и згрозување. Германскиот министер за внатрешни работи изјави дека, ако Путин се појави во Германија, ќе биде уапсен. Впрочем, тоа е и обврска на сите држави што ја признаваат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд.

Ете, со таков лик ќе се сретне кинескиот претседател Си Џинпинг во Москва.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен