Во наредните денови ќе објавиме кои имиња ќе ги поканиме во експертската група за уставните измени. Ќе испратиме и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
– Мене ми е жал што опозицијата не се вклучува во делот за реформите, кога не сакаат за уставните измени. Ќе разговараме за патоказите, таму имаме можност и потреба од инпут, знаење и политичко мислење за приоритетите и законите што треба да ги направиме. Треба да изградиме став по некои прашања кои ќе ни бидат реформска задача во следните седум години, без разлика кој е власт или опозиција, рече Маричиќ.
Маричиќ истакна дека нема да има изненадувања во експертската група која ќе ги подготвува амандманите за уставните измени и дека секој е важен и треба да биде вклучен во процесот. (МИА)