Финскиот министер за одбрана Анти Кајконен денеска изјави дека не сака да и донира борбени авиони „Хорнет“ на Украина.
– Моето мислење како министер за одбрана на Финска е дека ни требаат овие авиони за да ја заштитиме нашата сопствена земја, рече Кајконен на прес-конференција во Хелсинки.
– Негативно ја доживувам идејата дека тие ќе бидат донирани и во следните неколку години. И ако погледнеме подалеку, мислам дека тие ќе се истрошат со текот на времето и ќе бидат од мала корист, рече тој.
Финска ќе ги замени своите стари „Хорнети“ со авиони Ф-35 што ги нарача во 2021 година, а првиот авион се очекува да биде испорачан за две до три години.
Сепак, Финска ќе обезбеди дополнителна воена опрема за Украина, вклучувајќи уште три тенкови Леопард 2, со што вкупниот број на донирани Леопарди 2 на Украина ќе достигне шест, информира тој.
Кајконен на Твитер напиша и дена последниот пакет помош за Украина, покрај тенковите, содржи и тешко оружје и муниција.
Можноста за донирање на авиони „Хорнет“ на Украина беше спомната за време на неодамнешната посета на финската премиерка Сана Марин на Киев.
На новинарско прашање дали на Украина треба да ѝ се дадат борбени авиони, таа рече дека Финска треба да размисли дали нејзините авиони „Хорнет“ ќе бидат соодветни за таа цел, но не вети ништо.