Бројот на приведените за време на протестите против пензиската реформа во Франција се зголеми на 457, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.
„Досега се повредени 441 полицаец и жандар, додаде тој, заблагодарувајќи им се на органите на редот и на пожарникарите за нивната работа за време на демонстрациите. Демонстрациите беа многубројни и на места прераснаа во судири, особено во Париз, до доцна во ноќта“, истакна Дарманен.
Тој додаде дека само во Париз биле запалени 903 објекти лоцирани на јавен простор, вклучително и контејнери за ѓубре.
Вчера беше деветти ден од протестите против пензиските реформи во француските градови. Во главниот град на Франција, хулигани ја нападнаа полицијата со шишиња, камења и бомби, а тие одговорија со солзавец. Според претставници на органите на редот, меѓу демонстрантите имало 1.500 хулигани, од кои многумина специјално пристигнале тој ден од париските предградија.
Како одговор на протестите на контролорите на летање, француската цивилна авијација побара од авиокомпаниите да откажат 33 отсто од своите летови до и од аеродромот Париз-Орли в недела и 20 проценти в понеделник. Ограничувања од 20 отсто се побарани и за аеродромите во Лион и Марсеј.