Шпанските пожарникари денеска соопштија дека го локализирале првиот голем шумски пожар во земјата оваа година, кој се прошири низ источната провинција Валенсија, уништувајќи повеќе од 4.000 хектари шума и принудувајќи 1.500 жители да ги напуштат своите домови.
Невообичаено сушната зима низ делови од јужна Европа предизвика стравувања од повторување на пожарите од 2022 година, кога беа уништени 785.000 хектари, што е двојно повеќе од годишниот просек во изминатите 16 години, според статистистичките податоци на Европската комисија.
Во Шпанија минатата година, 493 пожари уништија рекордни 307.000 хектари земјиште, според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS).
Околу 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се обидоа да го стават под контрола пожарот во близина на селото Вилануева де Вивер во провинцијата Валенсија, објавија денеска службите за итни случаи.
Тие успеале да го спречат пожарот да се прошири на други области.