Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Угинал белуга китот Хвалдимир, познат како „руски шпион“

Китот белуга со прекар Хвалдимир, кој првпат беше забележан пред 5 години во крајбрежјето на Норвешка, недалеку од руските води, носел запрега за камера што поттикна гласини дека можеби е шпион на Москва, е пронајден мртов.

Норвешката државна телевизија НРК објави дека телото на китот било пронајдено како лебди во заливот Рисавика во јужна Норвешка во саботата од татко и син кои ловеле риба.

Белугата, кој го доби прекарот од комбинацијата од норвешкиот збор за кит – хвал – и првото име на рускиот претседател Владимир Путин, беше изваден од водата со кран и однесен во блиското пристаниште, каде што експертите ќе ја испитуваат причината за неговата смрт.

Морскиот биолог Себастијан Странд за НРК изјави: „За жал, го најдовме Хвалдимир како лебди во морето. Тој починал, но не е јасно која е причината за смртта“. Тој додаде дека на животното не се видливи поголеми надворешни повреди.

Странд, кој ги следеше авантурите на Хвалдимир во последните три години во име на непрофитната организација „Марин Мајнд“ од Норвешка, рече дека се длабоко погодени од ненадејната смрт на китот.

„Тоа е апсолутно ужасно“, рече Странд. „Тој очигледно беше во добра состојба и ние треба да откриеме што се случило“.

Китот Хвалдимир од 4,2 метри и 1.225 килограми, првпат беше забележан во април 2019 година од страна на рибарите во близина на северниот остров Ингоја, недалеку од арктичкиот град Хамерфест. Носел ремен и нешто што изгледаше како држач за мала камера и тока означена со зборовите „Опрема Санкт Петербург“.

Тоа предизвика гласини дека белугата е „шпионски кит“. Експертите велат дека е познато дека руската морнарица тренирала китови за воени цели.

Со текот на годините, белугата беше забележуван во водите покрај неколку норвешки крајбрежни градови и брзо стана јасно дека тој е многу питом и дека ужива да си игра со луѓе, објавија на норвешката телевизија.

Од „Марин Мајнд“ соопштија дека Хвалдимир бил многу заинтересиран за луѓето и реагирал на рачните сигнали. „Врз основа на овие набљудувања, се чинеше дека Хвалдимир пристигнал во Норвешка преминувајќи од руските води, каде што се претпоставува дека бил држен во заробеништво“, се вели во извештајот.

Поради ваквото однесување, норвешките медиуми исто така шпекулираат дека Хвалдимир можеби бил користен како „кит за терапија“ што е позната тераписка пракса во Русија.

Најново