Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политико: Путин блефира со нуклеарните оружја на Белорусија за да го одвлече вниманието од борбените неуспеси

Според тројца високи функционери информирани за дискусиите по последната закана од Москва, американските и европските претставници веруваат дека Владимир Путин нема намера да распореди нуклеарно оружје во Белорусија во скоро време.

Путин во саботата објави дека планира да испорача оружје во Белорусија за да се складира во објект во изградба, кој ќе биде готов во јули. Ако тоа се случи, за прв пат од 1990-тите, руското нуклеарно оружје ќе биде надвор од територијата на земјата. Путин не даде конкретна временска рамка, но западните официјални лица рекоа дека немаат докази дека тој планира такво нешто во блиска иднина.

„Индикациите се дека рускиот претседател со закани се обидува да ги заплаши Украинците и да го одвлече вниманието од загубите на Кремљ на бојното поле“, изјавија официјални лица, цитирани од Политико.

Официјални лица од двете страни на Атлантикот, кои зборуваа под услов да останат анонимни, рекоа дека не виделе знаци – како сателитски снимки или други информации – дека Русија напредува со планот за развој на нуклеарно оружје.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби даде слични коментари за новинарите во понеделникот. „Не видовме никакво движење на тактичко нуклеарно оружје или нешто слично од таа изјава, и секако не видовме никакви индикации дека г-дин Путин донел некаква одлука за употреба на оружје за масовно уништување, а камоли нуклеарно оружје“, рече тој.

Се чини дека оценките и коментарите на американските и европските претставници ги демантираат изјавите на Путин, иако тие претходно предупредуваа за можна употреба на нуклеарно оружје од страна на рускиот претседател.

Белорусија е меѓу најблиските сојузници на Русија и ја поддржува руската инвазија на Украина. Лидерите на двете земји претходно разговараа за распоредување напредно оружје, вклучително и нуклеарно, во Белорусија.

Одвраќање за Махмут

Последните коментари на заканите на рускиот претседател доаѓаат додека двете страни се борат за контрола на градот Бахмут. И Русија и Украина во последите недели загубија значителен број војници и муниција.

Заканите на Путин дека ќе испрати нуклеарно оружје во Белорусија „се наменети да го одвлечат вниманието од неуспесите на Русија на бојното поле“, изјавил изворот за Политико.

Русија тврди дека заземањето на Бахмут ќе го отвори патот за целосна контрола на остатокот од стратешкиот индустриски регион Донбас што граничи со Русија, кој е една од главните цели на инвазијата. Украина тврди дека Бахмут има ограничена стратешка вредност, но сепак жестоко се спротивставува. Не сите во Украина се убедени дека одбраната на Бахмут може да продолжи бесконечно.

Битката за Бахмут започна пред околу седум месеци, но во последните недели руските напредувања од три страни ги оставија украинските бранители со само еден излез на запад. Евентуалниот руски пораз во регионот би имал сериозни последици за моралот на двете армии, со тоа што битката за контрола на градот – најдолгата и најсмртоносна во Европа од Втората светска војна – добива големо симболично значење пропорционално со големиот број на жртви и двете страни.

Во изминатата година Путин неколку пати се закани дека ќе употреби нуклеарно оружје. Во говорот во септември, тој рече дека НАТО и Западот го вовлекле во „нуклеарна уцена“.

„На оние кои се осмелуваат да дадат такви изјави против Русија, би сакал да потсетам дека и нашата земја поседува различни средства за уништување“, рече тој. „И ако е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, ние сигурно ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ги заштитиме Русија и нашиот народ. Ова не е блеф“, рече тој тогаш.

Оттогаш, предупредувањата за можна употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија стивнаа, а исто така и загриженоста кај западните претставници за заканите на Москва. Еден од европските функционери тогаш рече дека „ова е уште една тактика за заплашување од Путин“.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново