„Кога видоа дека не можат да не разбијат локално, се собраа 6 институции да го рушат Костадинов. Искрено очекував дека денеска ќе се понуди решение за проблемот на брана Турија и ситуацијата со водата во брана Турија, наместо тоа тие со нов напад кон мене“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.
Тој истакнува дека правел се што е возможно за да го донесе, како што вели тој „неспособниот министер да седне на маса и да даде одговор што понатаму, а тој излезе на прес конференција во која секој втор збор е Костадинов“.
„Зошто министре се плашиш од Костадинов? Зошто не излезе со анализи и бројки за водата. 100 дена нов министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, 100 дена изговори и бегање од одговорност“, праша и посочи Костадинов.
Тој му порача на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство дека војната против него ќе ја изгубат.
„Ова не е војна со Коста Костадинов, ова е војна против Струмица. Ако некој досега имаше дилеми дали ќе се повлечам, еве го одговорот: Така мотивиран да се спротивставам на неправдата, на фашистичкиот наратив на министерот за земјоделство, на одредени локални транзициски профитери вгнездени во светото вмро, свесно злоупотребувајки го и дпмне, не сум бил никогаш“, порача струмичкиот градоначалник.
Тој уште нагласува дека „ова е мотив и силен порив за мене и мојот тим, од прв до последен, заедно со секој еден разумен, рационален човек, да се борам за СЛОБОДНА Струмица! Борба до последна капка крв! Продолжуваме одлучно, храбро и жестоко против фотељашите“.