Ненормална работа. Тоа што и во крчма е неприфатливо, за некои политичари е редовна пракса на собраниската говорница. Со години.
ЏАБИР ДЕРАЛА
За едно медицинско лице, најстрого забрането е да зборува за наодите на пациентите. Податоците за состојбата на пациентите, било да се работи за физички или психички прашања, било да се работи за редовни прегледи или за лекување, било да се во прашање прегледи што се поврзани со судски постапки – едноставно – не се за споделување ниту во крчма.
Професионалноста и интегритетот на здравствените работници не се состои само во нивното знаење што да им препишат на своите пациенти, туку и на кој начин се грижат за нивната приватност и достоинство. Ова досега се однесува на цврстата обврска на лекарите за почитување на приватноста на пациентите само во круговите во кои се движат.
Обелоденување на податоците и лекарските извештаи за пациентите е најгрубо кршење на сите етички и законски норми што може да се замислат. Тоа е срамно и за лекарот и за оној што ги обелоденува приватните податоци.
„Па кој би можел да стори такво нешто? Само нечесен и неурамнотежен човек, без морални скрупули!“ – би била реакција на човек кој држи до достоинството.
Токму еден прилично живописен лик во македонската политика, каков што е Драган Ковачки, ги прекрши етичките и законските норми со јавно обелоденување на лекарски наод за Министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Јавно, со гнев и исмевање, а со цел да ѝ наштети лично на Петровска, на владата и на угледот на државата чија војничка униформа носеше до вчера. Тоа што граѓанките и граѓаните го видоа од говорницата во парламентот е, најблаго кажано, евтин егзибиционизам.
Не сакам во мој текст да пренесувам цитати од овој крајно дегутантен настап, но за потребите на аргументирање, може да се погледне видео записот од собраниската седница за пратенички прашања (почеток: 1 час и 20 минути од видео записот). Ситењето и некритичкото пренесување на овој неконтролиран испад (и многу други порано, и не само од Ковачки) во медиумскиот простор е друга, крајно тревожна приказна.
Јасен е мотивот што стои зад овој неурамнотежен и непромислен атак на приватноста на министерката за одбрана – да се одржи жестокото темпо на популизам за да се зголеми рејтингот на партијата. Пократко: Жед за власт по секоја цена.
Постапката која би била нормална, коректна и човечка му е позната секому, сигурно и на Ковачки. Тој, како и секој друг, доколку се сомнева во капацитетот или во менталната состојба на некој функционер, избран или назначен, може да побара, јавно или со писмено барање до соодветни институции, утврдување на нечија деловна способност. Како што јас јавно побарав да се утврди деловната способност на експретседателот Иванов кога прогласи аболиција за осомничените од СЈО во 2016 година и на тој начин го предизвика почетокот на Шарената револуција. Деловната способност на Иванов никогаш не беше утврдена, но знаеме и како помина предметот во Судот за човекови права во Стразбур. Што е доволна победа на законитоста.
Но што се случува? Ковачки го одбира патот на морално ниски и законски недозволени постапки, со злоупотреба на лекарски документ и уште повеќе, злоупотреба на собраниската говорница. Впрочем, не му е првпат. Со години, под униформата на македонската армија, ја напаѓаше институцијата и ја срамеше униформата – за партиски цели. До последен можен момент, па и тогаш кога беше веќе непријатно да се гледа, тој ја злоупотребуваше униформата, ги користеше сите бенефиции на својот висок армиски чин, а најмногу привилегијата да се биде македонски војник.
Но единствениот ефект што може да се постигне со ваквото однесување е згрозување. Нормални и пристојни луѓе не прифаќаат блатење на институциите, особено не на одбраната и безбедноста на нивната земја. А тоа ВМРО-ДПМНЕ го прави континуирано. Сѐ што може да предизвика штета за државата, за нив е успех.
Ненормална работа. Тоа што и во крчма е неприфатливо, за некои политичари е редовна пракса на собраниската говорница. Со години.
Зборови на осуда и во овој и во безброј други случаи се малку. Политичка, морална, професионална, но и законска одговорност треба да има. А ќе има? Не. Но, за почеток, доволно е нормалните луѓе да ги осудат и отфрлат ваквите испади и бесрамни злоупотреби во политиката.
Извор: CivilMedia