Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Напад со дрон во близина на домот на Нетанјаху, објави израелската армија

Беспилотно летало лансирано од Либан удрило во зграда во израелскиот град Цезареја, каде живее премиерот Бенјамин Нетанјаху, соопшти денеска израелската војска, јави ДПА.

Според извештаите на израелските медиуми, првично не било познато дали Нетанјаху бил во крајбрежното одморалиште лоцирано меѓу Тел Авив и Хаифа во моментот на нападот.

Во инцидентот нема повредени, соопшти армијата. Пресретнати се уште два летечки објекти без екипаж.

Воздушна тревога имаше и во Тел Авив, 55 километри јужно, бидејќи беспилотно летало наводно се приближувало до областа Глилот, каде што се наоѓа седиштето на израелската надворешна разузнавачка служба Мосад и уште еден разузнавачки центар.

Според армијата, сирените се огласиле на многу други локации во северен Израел, вклучувајќи го и градот Тиберија на западниот брег на Галилејското Море.

Либанската шиитска милиција Хезболах, која е во сојуз со Хамас во Појасот Газа, речиси секојдневно истрелува ракети и беспилотни летала врз Израел од почетокот на војната во Газа во октомври минатата година.

По веста за смртта на лидерот на Хамас, Јехја ал Синвар во Газа, милицијата поддржана од Иран најави „нова фаза на ескалација“.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново