Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали се доволни 6 милијарди евра за реконструкција на балканските економии согласно ЕУ стандарди?

Колку Македонија е подготвена да направи реформи?

Македонија и другите земји до Западен Балкан ќе добијат 6 милијарди евра од ЕУ за реформирање на економиите со цел приближување до европскиот стандард. Предвидени се 2 милијарди евра грантови и два пати повеќе, односно 4 милијарди евра заеми.

Се поставува прашањето колку Македонија е подготвена да направи реформи.

Според професорот Таип Јакупи, доколку парите реално се искористат за подобрување на конкурентноста на македонските компании тогаш може да се очекува успех и користење на овие средства. Воедно, Јакупи потенцира дека бизнис секторот во моментов мака мачи со работниците, па и да се искористат овие средства, без работници тешко дека македонската економија може да биде поконкурентна, па смета дека под итно мора да се направи либерализација на пазарот на трудот. Тој вели дека бизнис заедницата има потреба од работници, а Македонија ги нема.

„Зголемувањето на европската помош за приближување до европскиот стандард е позитивен чекор, но прашањето е како ние ќе ги искористиме овие средства. Од досегашното искуство се покажа дека финансирањето на различни проекти за реформи во институциите не дадоа резултати. Тоа е најдобро видливо во областа на правосудството, корупцијата и владеењето на правото. Но, не е во добра состојба ниту образованието, здравството, пазарот на труд итн.“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите на Македонија.

Најголемиот број на овие проекти беа водени од разни невладини организации, наместо од самите институции и другите корисници на проектите. Од друга страна најголемиот дел од парите одеа за исплата на разни странски експерти кои овде организираа разни обуки и семинари. Ваквиот начин на реализација на проектите доведува до незаинтересираност на корисниците и за формалноста на целиот процес. Многу поефикасно е проектите да бидат водени од самите институции и корисници кои ќе бидат позаинтересирани од ефектите од овие проекти. Кај проектите кои ги спроведуваат трговските субјекти, состојбата е подобра затоа што тие самите се заинтересирани за ефектите. Поради овие слабости се стекна впечаток дека овие проекти се „перална за пари“ со што се руши интегритетот на самите финансиери, т.е. помагачи, вели Димитров.

Од Сојузот на стопански комори, во разговор со претседателот Трајан Ангелоски ни беше потенцирано дека многу е важно каде и како ќе се искористат овие пари.

Тој лоцираше неколку стратешки слаби страни кои треба веднаш да се отстранат, а ако со овие средства тоа се направи, тогаш економијата може да се забрза.

Како приоритети тој ги наведе: инфраструктурата, која е во многу лоша состојба. Втор приоритет кој е важен, според него е да се стави поголем акцент на отворање на индустриски зони, и воедно да се намалат царините, бидејќи во Македонија царините се три до четири пати повисоки од царините во земјите членки на ЕУ.

„Силно го поздравуваме објавениот План за раст на Западен Балкан.За прв пат имаме резервирани пари за реформите. Шест милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра на располагање за Северна Македонија. Планот за раст ќе ги засили нашата и регионалната економија и со тоа побрзо ќе се намалуваат разликите со економиите на земјите членки на Европската Унија“изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, претставувајќи го планот, кој според него е нешто што земјите од Западен Балкан и го побараа од ЕУ.

Планот за раст предлага интеграција на земјите од Западен Балкан во седум сектори на единствениот пазар на ЕУ и зголемено финансирање преку фонд за реформи и раст. Според најавите од комисијата, сумата од шест милијарди евра начелно ќе биде распределена меѓу земјите од регионот, но ќе се троши флексибилно, што значи дека земјите што побрзо напредуваат во реформите ќе можат да сметаат на парите што „побавните“ земји не ги користат.

Игор Мицкоски (Градска)

Зачлени се на нашиот е-билтен