За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложба, филм, концерти. Гледајте, читајте, слушајте…
Концерти: Артан Лили (Белград) и Занаду (Скопје) во МКЦ, Чалгија саунд систем во Јавна соба
Активноста на музичката програма на платформата „Силата ЕУ младите“ продолжува и овој петок (8 март) со концерт на Артан Лили (Белград) и Занаду (Скопје) во Младинскиот културен центар, со почеток во 21 часот.
Концертот ќе обедини и претстави две сцени на современа поп и рок музика. Првата е белградска, со концерт на култните Артан Лили, еден од најмногу споменувате бендови во регионот кога се зборува за новата домашна и регионална музичка сцена. Втората скопска, со концерт на бендот Занаду, (нај)младата и надоаѓачка сила на македонската музичка сцена. Организаторите најавуваат совршен спој на квалитетен звук и изведба која гарантира добра забава за вистинските љубители на музика од различна генерација.
Артан Лили, со три албуми зад себе и 10 години активно концертирање е еден од најреномираните регионални бендови. Последниот албум носи и соработки со колеги од локалната сцена, меѓу кои Зоран Костиќ-Цане од „Partibrejkers“ и Никола Врањковиќ. Покрај професионалноста во креирање и изведба на музика, тие посветено се занимаваат и со нејзината визуелна репрезентација преку продукција на видео записи. На концертот во Скопје, покрај добриот звук, се очекува и вистинско визуелно доживување преку специјално креирани визуелни ефекти на извонредниот Боб, VJ и соработник на бендот. Артан Лили успеваат да го задржат вниманието и интересот на различна генерација на публика, а нивната работа да биде признаена и наградувана. Со своите синглови ги освојуваат сите релевантни радиски и ТВ топ листи во својата земја и регионот.
Најинтересен е пласманот на песната „Ako stanemo tu“ која веднаш како новитет застана на првото место на листата „Diskomer“ на „Studio B“. За повеќе од 40 години колку што постои листата, овој куриозитет го искусиле само музички групи како „Bjelo Dugme“ и „Ekaterina Velika“. Добитници се на првата по ред награда на друштвото „Milan Mladenović“.
Концертната вечер ќе ја отворат претставниците на урбаната и алтернативна музичка сцена, Занаду. Бенд коj не верува во жанровски ограничувања, а на музиката гледа како слобода за канализирање на моментална емоција, импулс и енергија. Слободното течење и храброто пливање низ жанрови, ритмови и фреквенции се начини на кои поробуваат да го пронајдат звукот коj најдобро ги дефинира.
Формирани во 2021 година, по период на дефинирање на идејата и музичко себеспознание, во 2022 година го обавуваат својот деби сингл „Навика”, за подоцна истата година во етер да го пуштат и нивниот деби албум „Соништа” предводен од истоимениот сингл и синглот „Зборувај, замижи, побегни”. Занаду се еден од најмладите состави на „Гола Планина Колектив“. Тие пркосат со својата младешка енергија, а нивната соничност и дивергентност е најдобро воочлива на настапите, каде најмногу ги уживаат бисовите и стиховите кои едногласно ги делат со публиката.
Влезниците за настанот може да се обезбедат на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/index.php?id=1297.
Чалгија саунд систем е следното име на мини-фестивалот на светска музика „Светско, а наше“ што се одржува секоја сабота во Јавна соба.
На 9 март (сабота) настапуваат Добрила Грашеска – вокал; Александра Кузман – виолина; Дориан Јовановиќ – ут; Бошко Мангаровски – канон и Филип Крстевски – перкусии.
Бендот отсекогаш имал одличен прием во Македонија, но и во регионот и пошироко. Чалгија саунд систем ги пренесува звуците на чалгијата и низ светот одржувајќи концерти во Турција, Грција, Србија, како и на еден од најголемите фестивали на музика на светот во Рудлштад, Германија каде во 2022 година ја делеше сцената со најголемите ѕвезди на балканските и светските простори, во ворлд музика и рокенрол жанровите.
Деби албумот го издадоа во 2010 година, и на него се отсвирени и отпеaни некои од најубавите македонски чалгиски песни. Созревајќи, во 2019 год, бендот го издаде својот втор албум, насловен “Тихувај”, како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци. Летото 2023 Чалгија саунд систем направи омаж на еден од последните охридски трубадури – Климе Садило, изведувајќи ги неговите незаборавни виолински делници без никакви додавки или преаранжирања положувајќи го тестот на строгата охридска публика.
Луѓето кои внимателно ја следат кариерата и растежот на овој бенд велат дека Чалгија саунд систем е тивка и суптилна непомпезна музичка пројава, но со музички моќно и силно влијание кај вистинските музички сладокусци.
Мотото на фестивалот “Светско, а наше” е World Music Saturday.
Претстава: „Кенди“ на независниот театар „Златен елец“ на сцената на Драмски театар
Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, прогласена за најдобра претстава во селекција на независна продукција со награда „БИШ“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, ќе биде изведена во петок (8 март), на малата сцена од Драмскиот театар Скопје, со почеток во 20 часот.
Претставата е работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје, ова е продукција на независниот театар „Златен Елец“, играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
“Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата. Кога сме кај имагинативноста, една од карактеристиките на оваа проетстава е токму широката режисерска имагинативност на Тамара Стојановска, но и длабочината на актерскиот израз на Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, два неодминливи сегменти и конечно најважни за да се долови една ужасна појава која, за жал, сѐ уште ја има во нашата социјална и општествена стварност. Овде ќе треба да ја споменеме и пораката на ова сјајно театарско дело, која предупредува и укажува на катастрофалните последици, кои сѐ повеќе и повеќе ја разјадуваат младата популација, порака што не одминува никого и не поштедува никого од нас“ – велат во образложението за наградата, тричленото жири на фестивалот.
Минатата година актерите Бобан и Лео ја освоија и наградата „Бранко Ѓорчев“ – за најдобра партнерска игра – на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино.
Изложба: „Звучни слики” на писателот Владимир Мартиновски
Во Галеријата на МКЦ е отворена изложбата „Звучни слики” на Владимир Мартиновски. Ова е прва самостојна изложба на писателот и професор Владимир Мартиновски, за пријателите и познаниците – Марта, во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството.
Изложбата е сочинета од педесетина дигитални цртежи, акрилици на платно и хартија, како и серија акварели, чии заеднички именител е доживувањето на музиката. Дигиталните дела се настанати за време на концерти, а сликите во различни формати визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Авторот на изложбата е поет, раскажувач, книжевен критичар, преведувач и антологичар.
Владимир Мартиновски е редовен професор на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, каде што ја извршува функцијата декан од септември 2023 година. Добитник е на неколку награди за поезија, расказ и критика, а неговата поезија е преведена на дваесетина јазици.
Изложбата ќе биде отворена до 20 март 2024 година.
Филм: „Добриот, лошиот и грдиот“ на Серџо Леоне
Култниот филм на Серџо Леоне (Sergio Leone), „Добриот, лошиот и грдиот“ (Il buono, Il brutto, Il cattivo) е на програната на Кинотеката во програмата „Великаните на ‘Браќа Манаки“, со која се чествуваат лауреатите-кинематографери на Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола. Овој пат во фокусот е директорот на фотографија Тонино Дели Коли (Tonino Delli Colli).
Филмот на Леоне од 1966 година (177 мин., колор) ќе биде прикажан на 35 мм лента. Сценариото е на Лучијано Винченцони и Серџо Леоне (Luciano Vincenzoni, Sergio Leone), со Клинт Иствуд, Ели Валач и Ли Ван Клиф (Cleant Eastwood, Eli Wallach, Lee Van Cleef) во главните улоги.
Сгторијата се случува во 1862 г. на југозападот од САД, за време на граѓанската војна. Мистериозниот туѓинец Џо (Клинт Иствуд) се здружува со мексиканскиот отпадник Туко (Ели Валач). Двајцата започнуваат да трагаат по закопаното богатство, 20.000 тогашни американски долари, сокриени од дезертиран војник. Во текот на потрагата, се сретнуваат со криминалецот (Ли Ван Клиф) кој сака да ги израмни дамнешните сметки со двајцата револвераши.
Снимателот Тонино Дели Коли го претстави филмот во widescreen кино техника, а автор на комплетниот музички запис е прославениот Енио Мориконе: музиката од филмот е евергрин, често пати тема на разни трибјут изданија.
Тонино Дели Коли соработувал со бројни значајни режисери, а за неговиот посебен придонес во филмот во 2002 г. ја доби „Златната камера 300 за животно дело“ на Интернационалниот фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“ во Битола.
Проекцијата е во Кинотеката на 13 март (среда) во 20 ч.