Во текот на целиот ден вчера (15 декември 2023), можевме, најпрво од Тирана, а подоцна и од Музејот на Македонија во Скопје, да го следиме патот дома на дваесетте икони од струшко, охридско, дебарскиот и реканскиот крај. Овие икони, украдени од македонските цркви и манастири, вклучуваат и дела на прочуениот Дичо Зограф – македонски иконописец, претставник на дебарската школа, еден од најпознатите иконо-фрескосликари на Балканот во 19-век.
Во период кога Обединетото Кралство и Хеленската Република ги доведоа дипломатските односи во многу незавидна положба заради делот од акрополскиот фриз, кој се наоѓа во Велика Британија, а за кој Хеленската Република (со право) бара да биде вратен онаму каде што припаѓа, Северна Македонија и Албанија успеваат да создадат пријателски односи кои овозможуваат реституцијата (враќањето) на иконите – да се случи со насмевка.
Иако, овде на Балканот како да навикнавме да бидеме оние кои примаат совети за и часови по создавање на добри меѓународни односи на глобално и регионално ниво, овој пат Македонија и Албанија одржаа лекција за тоа како соседни земји можат, како за инает на балканските стереотипи и предрасуди, да бидат искрено пријателски. Очигледно Западен Балкан, од темна дупка на работ на Европа, станува Отворен Балкан на отворени општества, кој може да му намигне и на британскиот премиер, како се решаваат состојби поврзани со движното културно наследство.
По пристигнувањето во Скопје, Министерката за Култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, во гостување на Канал 5 телевизија објасни каков ќе биде понатамошниот живот на овие икони: тие ќе поминат процес на конзервација и потоа ќе бидат изложени за пошироката јавност.
„Тие претставуваат заштитено културно добро и ќе се погрижиме да го вратиме сјајот кој што го имаат за цела јавност да ги види.“
Иконите се македонско национално богатство, но во исто време се и во сопственост на МПЦ. Според Министерката, уште 37 икони се препознаени дека се со потекло од нашата држава, како и дека за 33 од нив веќе е испратена документација за нивно враќање.
Таа додаде и дека процесот за нивно враќање веќе е познат и сега ќе биде многу побрз: „Ќе се вратат тука во Музеј на Северна Македонија каде што повторно ќе го поминат процесот на конзервација и реставрација и повторно исто така ќе бидат изложени пред да и бидат вратени на црквата бидејќи тие се нивно сопствеништво. Ќе бидат вратени во црквите каде што се земени. Има неколку од охридско, Радожда и други цркви од тој крај и сите ќе бидат вратени од каде што се украдени.“
Претставници на МПЦ, присуствуваа на моментот на пристигнување на иконите во Скопје, фото: Драгана Басекиќ
Стручните музејски работници ги преземаа иконите веднаш по нивното пристигнување и следи преиод на нивна целосна заштита, консервација и реставрација. Останува да се надеваме дека и МПЦ ќе се потруди иконите соодветно да бидат заштитени и чувани за да останат како вредност и за идните генерации.
Васко Лазаревски (Трн)