Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Има ли политичка волја за спроведување на пресудата на судот во Стразбур „X против Македонија”?

На потег се пратениците: Ќе демонстрираат ли политичка волја за спроведување на пресудата на ЕСЧП и за заштита на правата на маргинализираните, или ќе подлегнат на притисоците на анти-родовите пропагандисти кои ги загрозуваат човековите права?

Пишува: Жарко ТРАЈАНОСКИ

Правдата и човековите права се нераскинливо поврзани со извршувањето на судските пресуди.  Истото важи и за пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), чии конечни пресуди се правнообврзувачки за тужената држава. Ако ја посетиме страницата за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, и штиклираме „North Macedonia“, ќе се појави и пресудата „X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia“ („X против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ од 17 Јануари 2019).

Во случајов, жалителот „X“, кој е трансродово лице, се жалел дека нема законска рамка и ефикасен лек за законско признавање на родот, и дека постои арбитрарно и неоправдано наметнување на условот за подложување на генитална хирургија со цел да може лицето да ја промени својата ознака за пол/род во матичната евиденција.

Судот во Стразбур одлучил дека има повреда на Член 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) поради недостаток на регулаторна рамка која обезбедува право на почитување на приватниот живот на жалителот и му доделил 9.000 евра како нематеријална штета.

Меѓутоа, извршувањето на судската пресуда не завршува со исплаќање на нематеријалната штета, затоа што ЕСЧП заклучил дека „сегашната законска рамка во тужената држава не обезбедува „брзи, транспарентни и достапни постапки“ за менување на регистрираниот пол во изводот од матичната книга на родени за трансродовите лица“.

Токму поради утврдениот недостаток во легислативата, извршувањето на оваа судска пресуда беше под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој го надгледува извршувањето на пресудите на ЕСЧП.

За да ја изврши оваа пресуда, државата преземаше и индивидуални мерки,[i] но и општи мерки – процес на измени на Законот за матична евиденција,[ii] кој се одвиваше со помош на претставници на Одделението за извршување на пресуди на ЕСЧП.

Токму за извршувањето на оваа пресуда, разговаравме со адвокатката и активистка Наташа Бошкова, која го застапуваше „X против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ во ЕСЧП во Стразбур.

Бошкова: ЕСЧП утврди дека државата го повредила правото на „X“ и поради недостатокот на јасна законска рамка

Во изјавата за ИМА, Бошкова јасно укажа дека ЕСЧП утврдил дека државата го повредила правото на „X“ и поради недостатокот на јасна законска рамка:

„Оваа пресуда „X“ против Македонија, зборува за индивидуа, поединец, којшто трпел повреди во текот на барањето на правда пред домашните институции, односно, поднел барање пред Управата за водење на матични книги, кои во неколку наврати го одбивале, и донесувале арбитрерни одлуки, во смисла на барање на документација којашто воопшто не е предвидена со закон. Измислуваат критериуми, услови, како основ за правно признавање на родот. Токму затоа, Европскиот суд за човекови права утврди дека државата го повредила правото на лицето „Икс“ – како поединец, но и поради недостатокот на јасна законска рамка, и она што претходно кажав, можноста за произволно донесување на различни одлуки, практично, упатува на тоа дека државата треба да донесе закон со кој јасно ќе пропише транспарентно, предвидливо, на кој начин трансродовите луѓе ќе можат да си го променат податокот за пол во матична евиденција, и на тој начин да им се признае нивниот родов идентитет,“ изјави Бошкова.

Според адвокатката Бошкова, пресудата „X против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ досега е половично спроведена: „Досега, половично е спроведена пресудата „Икс“ против Македонија, лицето „Икс“ има добиено усогласување на податоците во матична евиденција, и делот за индивидуален надомест на штета, во смисла на паричен износ е исплатен, но останува оној втор дел како генерален правен лек, којшто произлегува како обврска од пресудата, а тоа е обврската за донесување на закон.“

Бошкова укажува и дека државата дошла до законски текст кој бил прифатлив не само за институциите, туку и за Одделението за извршување на пресуди при ЕСЧП, кој подоцна е повлечен под притисок на антиродовите движења:

„Дојдовме до некој текст на законот којшто беше прифатлив за сите институции кои беа дел од работната група, вклучувајќи ги МВР, Министерство за правда, Управата за водење на матични книги, Агенција за лични податоци, но е прифатлив и за Одделението за извршување на пресуди при Европскиот суд за човекови права, што е особено важно, затоа што тоа одделение го следи спроведувањето на пресудата од страна на државата, и тоа под засилен надзор, значи, два пати годишно државата доставува акциски план и кажува до каде е и што планира да направи за да го забрза спроведувањето на оваа пресуда. Но, за жал, до денес овој закон сè уште не е усвоен, знаеме дека беше предмет на сериозни напади од страна на антиродовите и антидемократските движења, и практично, под притисок на овие наративи од страна на антиродовото движење, Владата го повлече законот и веќе не беше во собраниска процедура“.

Бошкова појасни и дека сличен предлог – закон подоцна бил поднесен и од група пратеници, но тој сè уште не е ставен на дневен ред, и е „заглавен во собраниска процедура“. Бошкова укажува дека иако има значаен напредок во промената на праксата за промена на податок за пол во матична евиденција, усвојувањето на законот е битно и за побрза и поефикасна постапка: „Покрај тоа што не е донесен законот, државата во изминатиот период, особено по донесување на пресудата „X“ против Македонија, има значаен напредок во промената на праксата, така што веќе 18-19 луѓе имаат променето податок за пол во матична евиденција, но она што се надеваме дека усвојувањето на законот ќе го донесе, дека таа постапка ќе биде побрза, ќе биде поефикасна, ќе биде попрактична, нема да ги изложи луѓето на чекање со месеци и години да го добијат она што е основно препознавање на нивното постоење како луѓе во оваа држава. Така што, промените се случуваат, но законот ќе треба да го забрза и да им овозможи полесен пристап до правото,“ изјави Бошкова за ИМА.

Џонова: Донесувањето на Законот за матична евиденција е неопходно за извршување на пресудата на ЕСЧП

Донесувањето на Законот за матична евиденција е неопходно за целосно извршување на пресудата на ЕСЧП, потврди за ИМА и Владиниот агент и директор на Бирото за застапување на Северна Македонија пред ЕСЧП, Даница Џонова.

„Со оваа пресуда ЕСЧП наметнува обврска на државата да донесе закон со кој ќе се овозможи брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање“, пишува и во предлог – законот за дополнување на законот за матичната евиденција, поднесен од група пратеници на 13.06.2023 година.

Џонова укажа и дека последните официјални комуникации од страна на државата до ЕСЧП биле во почетокот на октомври 2023, кога е доставен ажуриран план за акција, за извршување на пресудата „X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia“.

Во врска со општите мерки, предвидени во последниот доставен план, се истакнува повторно очекување дека новиот Закон за матична евиденција, „може да биде усвоен од страна на Владата веќе на крајот на 2023 година“. Се истакнува и дека група од 7 пратеници во јуни 2023 поднеле амандмани на законот за матична евиденција.

Мијатовиќ: Извршувањето на пресудата чека уште од 2019 година

Од друга страна, во комуникацијата до секретаријатот на Комитетот на министри од август 2023, од страна на засегнатите невладини организации се укажува дека владата сè уште не ги спровела општите мерки од пресудата, и дека климата во земјата е влошена за еднаквоста на транс-луѓето. Притоа, се укажува и дека има зголемена омраза во јавноста како резултат на зголемената видливост на анти-родовото движење во јавниот дискурс.

И Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во писмо до македонскиот Парламент, побара да се усвои законската рамка во однос на законско родово признавање на трансродовите лица, укажувајќи дека извршувањето на пресудата чека уште од 2019 година: „Нацрт амандманите, за кои што разбрав дека се во фаза на прво читање, обезбедуваат можност за пратениците во македонскиот Парламент да ги заштитат човековите права на трансродовите лица и да обезбедат извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Уште повеќе, сметам дека усвојувањето на нaцрт амандманите ќе претставува суштински чекор во извршувањето на одлуката на Судот во случајот ‘Х против поранешна југословенска Република Македонија‘ во кој Судот утврдил кршење на членот 8 (правото на почитување на личниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права поради отсуство на брзи, транспарентни процедури во националното зкаонодавство за признавње на родова припадност. Извршувањето на пресудата чека уште од 2019 година.“[iii]

И покрај апелот на Комесарката за човекови права на Советот на Европа, законската рамка во однос на законско родово признавање на трансродовите лица сè уште не е усвоена.

Има ли политичка волја за спроведување на пресудите на ЕСЧП?

Според Драгана Дрндаревска, од Коалиција „Маргини“, во Собранието нема политичка волја да се донесе Законот за матична евиденција: „Доказ дека нема таква политичка волја, е тоа што Законот за матична евиденција беше тргнат без никаква дискусија од дневниот ред од Комисијата за политички систем, ние немавме воопшто ниту можност да дебатираме, да одговориме на сите прашања, сите дилеми коишто ги имаат, него без никакво образложение беше тргнат. Да, сега беше повторно предложен, меѓутоа, од пратеници коишто на една рака се бројат… Така што, ние не сме ни оддалеку моќни и влијателни, како што МПЦ и останатите антиродови чинители сакаат да не претстават…“,[iv] истакна Дрндаревска на Панел-дискусија на ИМА: Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА, во својата публикација даде мноштво аргументи и докази зошто анти-родовата кампања во Македонија е насочена против остварување на основните човекови права.[v] Во оваа анализа на случај изнесуваме уште еден аргумент, укажувајќи дека анти-родовите протести (и дезинформации) против Законот за матична евиденција се всушност обид да се спречи извршување на пресуда на ЕСЧП, кое треба да оневозможи натамошни прекршувања на човековите права на транс-родовите луѓе во Македонија.

На потег се пратениците: Ќе демонстрираат ли политичка волја за спроведување на пресудата на ЕСЧП и за заштита на правата на маргинализираните, или ќе подлегнат на притисоците на анти-родовите пропагандисти кои ги загрозуваат човековите права?

Извор: СМК

Треба да знаете
Moже да ве интересира