Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сликарството на Ликовната академија од Штип во Софија: Предизвик за свој естетски став и буден поглед во општеството

Забележуваме дека со помош на постмодернизмот, академската уметност се враќа во учебниците и дискусиите. Во нашиот 21 век е забележливо заживување на класичното сликарство, реалистички стил и академизам, вели кураторот на изложбата Иво Пецов

Од Софија

Стојан СИНАДИНОВ

Ликовната и другите уметности сигурно имаат некоја прометејска димензија. Кога, пак, таа уметност произлегува од релативно млада образовна институција, како што тоа е случај со Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, тогаш предизвикот е поинаков: тоа што сè уште не е етаблирана во пошироки рамки и дава простор и слобода да креира посебен стил во ликовниот израз.

Со премиерното претставување надвор од земјава, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ отвори нова страница во постоењето на оваа образовно-уметничка институција. Изложените дваесеттина дела насликани во периодот од 2019 до 2023 година на осуммина дипломци и студенти – Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов – на достоинствен начин ги претставија авторите и образовниот стил на Академијата.

Кураторот на изложбата доц. д-р Иво Пецов во разговор за Рацин.мк посочува дека историјата на ликовните академии во светот започнува во 16 век, а моделот на академијата на браќата Карачи во Италија е создаден како реакција спроти маниризмот и се претвора во основа за подготовката во ликовните академии. Класичното академско образование е потчинето на строги правила и академското творење треба да ги следи примерите на ренесансата и грчко-римската античност.

-Академизмот се наметнува како официјална линија во ликовната уметност во периодот од 17 до 19 век, додека модерната уметност на 20 век се создава во спротивставеност на неговите правила. Со растечкото влијание на модерната уметност и авангардата, класичната академска уметност е омаловажувана и гледана како сентиментална, клиширана, конзервативна, неиновативна, буржоаска и „без стил“. Во наше време забележуваме дека со помош на постмодернизмот, академската уметност се враќа во учебниците и дискусиите. Во нашиот 21 век е забележливо заживување на класичното сликарство, реалистички стил и академизам, објаснува Пецов.

Доц. д-р Иво Пецов

Тој додава дека во тој контекст, Ликовната академија во Штип е формирана во 2013 година, како факултетска единица во склоп на Универзитетот „Гоце Делчев“ со цел да образува кадри кои ќе задоволуваат определени естетски вкусови и разбирања, вели Пецов.

-Изложбата која вчера (18 април) беше отворена во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија на некој начин направи пресек на она што се има постигнато во ателјеата на Ликовната академија во Штип, во периодот од нејзиното создавање до сега. За мене, како нов во колективот наставници во оваа високообразовна установа, беше исклучително љубопитно да ги видам резултатите од функционирањето на установата, па така го иницирав проектот и се впуштив во организација на изложбата. Изложбата премиерно ја претставивме пред пребирливата софиска публика, во присуство на професори од Софискиот универзитет и Националната ликовна академија во Софија. Имено, сакав младата штипска Академија да се поврзе и со постари високообразовни институции во регионот и на тој начин да се кали и да ги согледува предностите и пропустите во своето работење. Секако е дека го има потенцијалот да создава квалитетно образовани кадри, да ги стимулира вистинските креативни личности, но за тоа е потребна посветеност и фокусирана енергија на колективот наставници, синхронизирана во работата со студентите, посочува Пецов.

Тој додава дека напорно ќе работат ова претставување на Ликовната академија пред пошироката публика да не биде единствено и изолирано, туку таквиот пример да се претвори во пракса и традиција, начин на кој се проверуваат создадените квалитети пред публиката, особено онаа која има свој естетски став и буден поглед во општеството.

-Уметноста е во хармонија со животот, а институцијата која е посветена на ликовната уметност треба да е флексибилна и секогаш да е во чекор со реалниот живот и предизвици, заклучува Пецов.

Деканот на Ликовната академија во Штип, проф. д-р Петар Намичев, во разговор за Рацин.мк посочува дека оваа прва поголема изложба на нејзините некогашни дипломци и актуелни студенти е значајна за позиционирањето на институцијата на ликовната мапа во регионот. Ликовната академија досега изнедрила педесетина сликари и скулптори во образовниот процес кој бил малку специфичен: заради оскудниот наставен кадар на почетокот на штипската академија предавале и афирмирани визитинг професори од Украина и Русија.

„Кај нас постојат одделите на класично сликарство и вајарство, интересот за студии е солиден со оглед на тоа што сме млада Академија, а годинава за прв пат организиравме и постдипломски студии. Сега се обидуваме да ја претставиме Академијата и надвор од границите на нашата земја, да воспоставиме меѓународна соработка со балканските академии, но и пошироко, со цел студентите да имаат пристап на пошироката уметничка сцена во оваа ера на дигитализација и вмрежување. Нашата Академија има специфичен наставен метод бидејќи се негува класичниот сликарски стил, и се надеваме дека оние вистински квалитети на студентите ќе дојдат до полн израз“, вели Намичев.

Проф. д-р Петар Намичев

Тој го посочува неодамна потпишаниот договор за соработка со Националната уметничка академија во Софија и стремежот таа соработката да се ефектуира во што побројни заеднички проекти и претставувања на ликовните сцени во двете земји и пошироко.

„Наредниот месец организираме Фестивал на уметноста во Штип и се обидуваме да донесеме и професори од други земји, со цел да ја прошириме сцената за нашите студенти“, навестува Намичев.

За соработката со штипската Ликовна академија го запрашавме и доц. д-р Васил Колев, раководителот на катедрата за графика, галериска и изложбена дејност на софиската Национална уметничка академија.

-За Националната уметничка академија од суштинска важност е да воспоставуваме контакти и унапредуваме соработка со сродни институции од соседните држави и пошироко. Тоа ги мотивира и стимулира студентите да се запознаваат со идеите и работата на нивните колеги на други академии. Соработката со Ликовната академија од Штип ќе биде полезна за студентите на двете академии, вели Колев за Рацин.мк.

Зоран Мише, Васил Колев и Петар Намичев (од лево на десно)

То додава дека е среќен што на софиската Национална академија изминативе децении, а и сега, има(ло) многу добри македонски студенти.

-Зоран Мише од Охрид е асистент на графичкиот оддел и еден од најперспективните млади уметници, посочува Колев.

Добрата волја и идеите за заеднички проекти постојат, останува да се остварат.

Фотографии: Силвија Костадинова

Зачлени се на нашиот е-билтен