Разликите меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон околу помошта за Украина се претвораат во отворено непријателство. Овие разлики особено станаа видливи по изјавите на Макрон за испраќање војници во Украина.
Претходно, францускиот претседател кажа дека ЕУ се согласила да ја создаде „деветата коалиција за длабоки удари“, снабдувајќи ја Украина со ракети со среден и долг дострел. Тој, исто така, кажа дека Франција ќе направи се за да ја спречи Русија „да победи во оваа војна“.
Според него, лидерите на западните земји разговарале за можноста за испраќање војници во Украина, но се уште не е постигнат консензус.
Набрзо по изјавите на Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус изјавија дека Германија нема да испрати свои војници во Украина, а Шолц нагласи дека земјите од НАТО како целина нема да го сторат тоа.
Дополнително, канцеларот повтори дека не се планира испраќање на крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина.
„Разликите меѓу Шолц и Макрон околу воената помош за Украина се развиваат во нешто како отворено непријателство“, наведува Политико.
Политико, повикувајќи се на германски официјални претставници, соопшти дека Макрон е подготвен за „тешки разговори“ за Украина, но не презел доволно мерки во споредба со Берлин.
Сајтот забележува, повикувајќи се на податоците од Институтот за светска економија од Кил, дека Германија обезбедила или ветила повеќе од 17 милијарди евра помош за Украина, додека Франција – само 640 милиони евра.
„Француските власти тврдат дека го обезбедуваат оружјето што е навистина важно и со помалку двоумење од Германците“, додава сајтот.
Политико, исто така, го споредува пристапот на двете земји за помош на Украина, забележувајќи ја големата неподготвеност на Германија да испрати одредени видови оружје, на пример, проектилите „Таурус“. Весникот, исто така, забележува дека по самитот во Париз во понеделникот, Макрон, се чини, дека тргнува по Шолц поради „историската неподготвеност“ на Германија да испрати оружје во Украина.
Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц објави посебна видео порака во која повторно потенцира дека НАТО нема да стане страна во конфликтот во Украина, а германските војници нема да бидат испратени во Украина. (МИА)