ВИДЕО „Полиграф“: Коj објави стара дезинформација дека на полициската табла во Шуто Оризари нема македонски јазик?

На порталите и социјалните мрежи честопати се објавуваат стари дезинформации како нови вести. Таков е случајот со дезинформацијата дека натписот во полициската станица во Шуто Оризари не го содржи македонскиот јазик.

На 20 февруари 2024, порталот „Инфомакс“ објави текст со наслов: „Кој сака нека му честита на Тошковски: Во полициската станица во Шуто Оризари на таблата нема македонски јазик“. Во текстот пишува дека „На социјалните мрежи се појави фотографија од полициската станица во Шуто Оризари на која пишува „Полициска станица Шуто Оризари“ на повеќе јазици, но не и на македонски…“. Според Инфомакс, „Се поставува прашањето како големиот патриот и вмровец, новиот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски дозволил вакво нешто“.

Меѓутоа, не станува збор за нова фотографија, туку за стара дезинформација. Уште во февруари 2020, прво „Цивил Медиа“, а потоа и „Вистиномер“, пишуваа за лажната вест за таблата на полициската станица во Шуто Оризари. Цивил Медиа јасно укажува дека „Ако се погледне фотографијата на која е целата табла, ќе се забележи дека таа е на четири јазици и тоа: македонски, ромски, албански и англиски“.

Фотографијата на која е само дел од таблата уште во 2020 година била злоупотребена за дезинформирање и креирање на паника за исчезнување на македонскиот јазик од натпис на МВР. Но, македонскиот јазик на таблата на МВР не бил исчезнат ниту во 2020 година, ниту пак сега, кога Тошковски е технички министер. Токму затоа, текстот на „Инфомакс“ може да се оцени како двојна дезинформација, со која се врши политичка пропаганда.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира