Може ли мала економија како Македонија да игра во европска и светска лига? Што им недостасува на младите за да останат, создаваат и успеат дома? И дали успехот е прашање на пари, идеи, знаење – или истрајност?
Во новата епизода на специјалот „РАСТговори“ од серијалот „Што го врти светот?“, разговараме со Глигор Бишев за економскиот развој, конкурентноста, европската интеграција и нејзиното влијание, иновациите и иднината на младите во Македонија.
Бишев порачува дека развојот не се случува преку ноќ. Според него, економскиот напредок не е спринт, туку маратон во кој се потребни знаење, верба, дисциплина и континуитет. Македонија, вели тој, премногу често почнува одново, наместо да го надградува она што веќе е создадено.
„За жал, ние на секои четири до пет години, наместо да вградуваме нови цигли, го менуваме ѕидот, почнуваме нов ѕид“, вели Бишев, нагласувајќи дека за вистински развој се потребни договор, истрајност и работа што не зависи од еден изборен циклус.
Една од главните пораки во епизодата е дека Македонија не треба да ја гледа својата големина како слабост. Напротив, според Бишев, малите економии можат побрзо да ги препознаваат проблемите, полесно да се договараат за приоритети и побрзо да ги спроведуваат потребните промени. Токму затоа, вели тој, Македонија има потенцијал да биде поагилна, поконкурентна и поуспешна.
Во разговорот се отвораат и прашањата поврзани со европската интеграција. Бишев ја гледа ЕУ не само како политичка цел, туку како економска и развојна можност. Според него, исполнувањето на европските стандарди во животната средина, инфраструктурата, образованието, институциите и економијата не треба да се прави само „за ЕУ“, туку затоа што тие промени ја прават земјата подобра за живеење.
Посебен акцент во епизодата е ставен на младите. Многу млади луѓе имаат идеи, енергија и амбиција, но често им недостасува поддршка за да ги претворат тие идеи во реални проекти. Бишев посочува дека со добро менторство, подобра подготовка и разбирање на ризиците, шансите за успех значително се зголемуваат.
Епизодата испраќа јасна порака до младата публика: не мора секој успех да почне надвор од Македонија. Потребни се повеќе знаење, повеќе храброст да се проба, повеќе доверба во сопствените идеи и повеќе поддршка за оние што сакаат да создаваат тука.
„Клучно е да веруваме, да знаеме дека можеме, да се храбриме меѓу себе. Не е страшно некој пат да не се успее, битно е да се проба“, порачува Бишев.
Во епизодата се зборува и за улогата на приватниот сектор, инвестициите, иновациите и македонските компании кои веќе покажуваат дека домашни производи, услуги и идеи можат да бидат конкурентни и надвор од земјата. Примерите покажуваат дека Македонија веќе има луѓе и компании кои размислуваат глобално, создаваат квалитет и се натпреваруваат на меѓународни пазари.
За младите кои размислуваат дали својата иднина да ја бараат дома или надвор, Бишев потсетува дека движењето на луѓето е дел од глобалниот свет. Но, целта треба да биде Македонија да создаде економија во која можностите, приходите и перспективите ќе бидат доволно силни за еден ден повеќе луѓе да сакаат да дојдат, отколку да заминат.
Оваа епизода е повик за повеќе амбиција, повеќе истрајност и повеќе верба дека Македонија може да биде мала земја со големи резултати.

