ЕУ со царина од 3 евра го намали приливот на пакети од Кина за 30-40%

Само два месеца по воведувањето на новата царина од три евра за евтините пратки, Европската Унија веќе бележи значително намалување на пакетите што пристигнуваат главно од кинеските платформи Temu, AliExpress и Shein. Според податоците на француските царински власти, бројот на малите пратки во ЕУ е намален за 30 до 40 проценти.

Новото правило важи од 1 јули за пратките со вредност до 150 евра, кои претходно беа ослободени од царински давачки. Сега се наплаќаат три евра по категорија производ. Тоа значи дека пакет со повеќе производи од иста категорија плаќа една давачка, но ако во пакетот има, на пример, облека, обувки и електронски производ, царината може да достигне девет евра.

Најголемиот пад е забележан кај Temu. Податоците од францускиот пазар покажуваат дека меѓу јуни и јули бројот на продадени производи преку платформата се намалил за 50 проценти. Кај AliExpress падот изнесува 37 проценти, додека Shein засега поминал подобро, со намалување од околу 15 проценти.

Кај Temu и AliExpress истовремено се забележува раст на просечната вредност на кошничката. Потрошувачите купуваат поретко, но кога нарачуваат, избираат повеќе или поскапи производи, со што влијанието на фиксната давачка од три евра станува помало.

Брисел ја воведе мерката по експлозивниот раст на евтината интернет-трговија. Во 2025 година во Европската Унија влегле околу 5,9 милијарди производи со мала вредност, што е повеќе од 16 милиони дневно. Околу 93 проценти од нив потекнувале од Кина.

Европската комисија оценува дека стариот систем им давал значителна предност на платформите што испраќаат евтини производи директно од Азија, бидејќи пратките под 150 евра не плаќале царина. Дополнителен проблем за Брисел е безбедноста на производите. Според европските податоци, повеќе од 60 проценти од контролираните производи со мала вредност во 2025 година не ги исполнувале целосно европските правила или безбедносни стандарди.

Давачката од три евра е привремено решение. ЕУ подготвува поширока реформа на царинскиот систем, со која од 2028 година треба целосно да исчезне прагот од 150 евра и царинските правила да важат за секој увезен производ.

Првите податоци сепак покажуваат дека и релативно мала давачка може значително да влијае врз моделот на евтини и чести нарачки врз кој Temu, AliExpress и Shein го изградија својот брз раст во Европа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?