Ковачевски: Зголемени пензиите, платите и субвенциите за струјата, земјоделците и винарите, намалена невработеноста

„Кога зборуваме за пензии, сега за прв пат имаме сериозна методологија за постојан раст на пензиите. Само во мандатот на мојата Влада пензиите пораснаа за 25 отсто за една и пол година. Два пати годишно системски пензиите растат согласно зголемувањето на трошоците за живот и согласно зголемувањето на просечната плата“, рече премиерот Димитар Ковачевски во утринската програма на Слободен печат.

Тој додаде дека просечната пензија е порасната за 6,5 илјади денари во однос на 2016 година и сега изнесува 21 илјада денари, додека минималната пензија е за 50 отсто поголема во однос на 2016 година и е во висина од над 13 илјади денари.

„Такви бројки немало до сега. Чести пати ги ставаат во корелација со инфлацијата, но и таму успеавме со мерките кои ги презедовме заедно со Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и други економски ресори. Инфлацијата која беше 19 отсто ја намалвиме за седум пати и да имаме инфлација од три отсто, додека инфлацијата кај храната е само еден процент“, рече Ковачевски.

Просечната плата е зголемена за 50 отсто, а минималната плата за 100 отсто.

„Ако во 2016 година биле потребни четири и пол минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка, денес се потребни две минимални плати“, потенцираше Ковачевски.

Тој додаде дека податоците кажуваат и дека за 50 отсто се пораснати и минималната и просечната пензија во однос на 2016 година.

„Кога зборуваме со податоци од Заводот за статистика, тоа не може да се негира“, рече Ковачевски.

Премиерот исто така кажа дека невработеноста денес е 13 отсто, за разлика од 2016 година кога била 24 отсто и најави дека следната година се очекува да биде 11 отсто, додека во 2025 година таа ќе стане едноцифрена.

„Тоа се факти што не може да се негираат со популизам и лажни соопштенија во кои се наведуваат други бројки“, рече Ковачевски.

На смеките за потрошената електрична енергија може да се види дека цената на електричната енергија е субвенционирана и до 90 отсто.

„Нашите граѓани плаќаат двојно помала цена од тоа што би платиле доколку е пазарна цена, како што се плаќа во Западна Европа“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека субвенционираната цена на електричната енергија ќе продолжи за 600 илјади домаќинства и 70 илјади мали и средни претпријатија.

„Како успеавме да го постигнеме тоа? Тоа се должи на два фактора – првиот е што му дадовме задача на ЕСМ да произведува повеќе енергија. Кога сите беа скептици дека тоа ќе се случи, во најладните месци минатата година, на стара технологија, работниците во РЕК Битола, Осломеј и Неготино произведоа 45 отсто повеќе електрична енергија. Второ, кризата ја искористивме како можност и во државата се инсталирани, како никогаш досега, обновливи извори на енергија“, рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека во текот на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ биле инсталирани само 11 мегавати обновливи извори, додека сега за две години се инсталирани и ставени на мрежа над 600 мегавати.

„Тоа овозможи зголемено производство на енергија, која во текот на дневните часови ќе ја има во поголеми количини и затоа се врати евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот што е одлична заштеда за граѓаните, во одредени случаи и до 1000 денари“, рече Ковачевски.

„Во кризна година издвоивме највисоко ниво на субвенции. Субвенциите ќе бидат над 150 милиони евра и за прв пат е воведена авансна исплата за вистинските земјоделци“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека 40 илјади земјоделци авансно ќе ги добијат своите субвенции во текот на оваа недела, а остатокот ќе го добијат нормално во идната година.

„Го зголемивме за 20 милиони евра буџетот за субвенции за да може се да биде исплатено, а за оние гранки кои зависно од временските услови имаат потешкотии обезбедуваме уште повеќе“, рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека субвенциите за винските насади од 40 илјади денари за хектар се зголемени на 52 илјади денари, а дополнително за секој килограм откупено грозје во винариите производителите добиваат по еден денар по килограм дополнителна субвенција.

„По ставовите на земјоделците се гледа дека тие мерки се прифатени“, рече Ковачевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира