Дина Дума го отвора „Браќа Манаки“, Битола собира оскаровци зад камерата

Битола од вечерва повторно станува средиште на светската кинематографија. Со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума започнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кое годинава пристигнуваат некои од најпознатите имиња зад камерата во современиот филм.

Црвениот килим пред Центарот за култура е закажан за 19:15 часот, а свеченото отворање и проекцијата на филмот на Дума почнуваат во 19:45 часот. Фестивалот ќе трае до 25 септември.

„Скејтањето не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со кинематографија на Фредерик Нуаром. Во центарот на приказната е Адела, девојка чија љубов кон скејтањето се судира со сиромаштијата и конзервативната средина, додека се обидува да ја заштити својата малолетна сестра од договорен брак.

Отворањето со македонски филм е само почеток на програмата која организаторите ја најавуваат како една од најбогатите досега. Во Битола пристигнуваат Дан Лаустсен, Џеф Кроненвет, Јануш Камински, Воли Фистер, Тимо Салминен и турскиот режисер Семи Капланоглу. Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски најави рекорден број филмови, гости и едукативни содржини.

Данскиот кинематографер Дан Лаустсен годинава ја добива „Златната камера 300“ за животно дело, додека Џеф Кроненвет, познат по долгогодишната соработка со Дејвид Финчер на филмови како „Fight Club“, „The Social Network“ и „Gone Girl“, е добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.

Посебно признание вечерва ќе добие и актерот Петре Арсовски. Друштвото на филмските работници на Македонија му ја доделува наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за повеќе од пет децении работа и улоги во некои од најзначајните македонски филмови.

Фестивалот годинава излегува и надвор од класичните кино-сали. Во дворот на Музејот на Битола ќе работи отворено кино каде публиката бесплатно ќе може да ги гледа филмовите од домашната програма „Макпоинт“. Главните проекции остануваат во Центарот за култура, каде е поставена нова проекциска опрема и ново платно.

Во програмата се најавени и мастер-класови и разговори со дел од најголемите светски кинематографери. Веќе утре се предвидени мастер-класови со Дан Лаустсен и Јануш Камински, а фестивалот годинава започнува и директна соработка меѓу ДФРМ и Европската филмска академија преку секторот за кинематографери.

Со филм на млада македонска режисерка на отворањето и со имиња што стојат зад визуелниот идентитет на дел од најпознатите светски филмови, Битола во следните седум дена повторно ќе живее во знакот на филмската камера.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?