Секој има свој начин да го слави Илинден, графичкиот дизајнер Смилески го претстави својот

Смилески

Графичкиот дизајнер Далибор Смилески на социјалните мрежи го претстави својот начин како го слави и почитува празникот 2 Август – Ден на републиката, Илинден.

„Себе си не се сметам за „патриот“. Мене нема да ме видиш како го веам знамето на Вергина на свадба, нема да ме видиш како ја следам фан страната „Македонија Вечна“ на Инстаграм. Нема да прочиташ мој коментар каде што дебатирам на национални теми. Но јас ја сакам мојата држава, ама затоа сакам и таа да ме сака мене. Љубовта треба да биде взаемна зар не?“, напиша тој на својот Инстаграм профил.

Вели ја сака Македонија во сите нејзини изданија.

„Moжеби сепак и сум патриот или не? Не знам. Ја сакам Македонија и кога е Северна, и кога е Бивша, ја сакам кога е богата, кога е чиста, кога е гостопримлива, кога е земја во која секој сака да дојде. Ја сакам кога сите ја знаат и сите чуле за неа, ја сакам кога ме штити, ја сакам кога во неа живеат културни, образовани, успешни и исполнети луѓе, ја сакам кога победуваме на светски натпревари во спорт, во музика… Ја сакам кога ја почитуваме и ја унапредуваме уметноста, ја сакам кога е безбедна и силна, ја сакам кога тука имам се што ми треба, ја сакам кога ми е убаво да сум тука“, посочува Смилески.

Смилески го претставува своето дело како минијатурен проект со кој ја покажува својот љубов кон Македонија.

„Уметноста отсекогаш била нешто што останува, но ќе остане само ако се негува. Треба да ги памтиме старите но и да создаваме нови кои ќе останат запишани во историјата“, напиша тој.

За него Македониумот е најубавиот и нај фасцинантниот спомен објект, а македонскиот народен вез е симбол на традиција која трае и мора да се памети.

„Во овие илустрации ги поврзувам двете. Дезени создадени од мултиплицирање на формата на Македониумот, кои заедно создаваат форми кои асоцираат на македонскиот народен вез. Честит Илинден“, се вели во честитката на графичкиот дизајнер Далибор Смилески.

Далибор Смилески дипломирал и магистрирал на Факултетот за арт и дизајн на модулот за графички дизајн. Неговиот магистерски труд од јануари 2024 година е на тема „Дизајнот на визуелните идентитети како важен фактор за успешен хотелски и ресторански бренд“.

Добитник е на првата награда од 200.000 денари од движењето „Браво сине!“ во 2014 година за најдобро креативно решение и дизајн на амбалажа за традиционално слатко („Фрутело“).

Работел како слободен уметник (freelance) и како уметнички директор (art director), создавајќи забележливи визуелни решенија, етикети за вина и брендинг.

Најчитано