Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со мотото „Враќање дома“ во Прилеп отворен 57 МТФ „Војдан Чернодрински“

Под мотото „Враќање дома“, со доделување на наградите за животно дело на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, синоќа пред платото на прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков“ свечено беше отворен 57-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Веднаш потоа во големата сала од домот на културата публиката ја виде првата од 10-те претстави во официјалната конкуренција, претставата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски.

Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ Војдан Чернодрински

– Мотото „Враќање дома“ има порака. Сакав на ова место, во прилеп, овие осум дена да се случува едно убаво чувство. да се вратиме сите дома, зашто театарот се случува тука, околу нас. А дома е најубаво, изјави уметничкиот директор на Фестивалот Ана Стојаноска која од пред платото на прилепскиот Дом на културата, на отворањето рече дека зборовите не секогаш ја имаат моќта да го покажат тоа што го чувствуваме во даден миг и затоа најчесто ѝ се обраќаме на уметноста.

На отворањето им беа доделени наградите за животно дело на доајените на македонското актерство Петар Темелковски и Петар Мирчевски. – Многу сум му благодарен на Фестивалот и на ова високо признание. Поддршката низ годините што ја има фестивалот го зајакнува. Фестивалот гордо и со големи чекори веќе патува во втората половина од своето столетие, изјави Темелковски.

Петар Мирчевски, награда за животно дело

 – Прекрасно е чувството кога ќе се добие награда за животно дело. Посебно од Фестивалот. Сите претстави во кои играв ми се подеднакво драги, зашто мојот успех сум го споделувал со колегите од различни театри, во позитивна смисла сме се судриле со различни енергии и мислам дека тоа носи квалитет. А овде на публиката ѝ се поклонувам, рече актерот Мирчевски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески порача дека во Прилеп секогаш има место за театарот и затоа со право велиме дека Фестивалот е бренд на градот.

Петар Темелковски, награда за животно дело

 – Со претставите кои што се пресек на актуелниот театарски миг ќе добиеме различни пораки, кои не се сомневам дека маестрално ќе ни ги пренесат годинашните учесници кои го создаваат драмското дело. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е насушна потреба и за Прилеп и за Република Македонија, бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата, рече Јовчески. 

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска извинувајќи се за неможноста да биде на отворањето на Фестивалот ги испрати своите размисли, прочитани на отворањето.

– Годинава сите се враќаме дома, во градот – театар. И, секогаш е пријатно кога сме свои на своето. Прилеп, македонскиот театарски центар и годинава ни ја покажува моќта на раскажување приказни преку театарската уметност. Фестивалот со гордост го носи името на основоположникот на македонската драма, познатиот драмски автор, актер и режисер Чернодрински, и е вистински симбол на традицијата во развојот на македонската култура и белег на препознатливост за нашите творци. Националната драматургија и националниот театар играат клучна улога во чувањето и промовирањето на македонскиот јазик, на македонското творештво и на културното наследство. Токму затоа, Министерството за култура, во соработка со Фестивалот „Војдан Чернодрински“, со цел збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори, отвори посебен конкурс за избор на три необјавени и непоставени македонски драмски текстови, беше порачано во говорот од министерката за култура Костадиновска Стојчевска, прочитан на отворањето на Фестивалот во Прилеп.

Денеска напладне во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржат првите „Разговори на тркалезната маса“ за синоќешната претстава на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“, а вечер од 19:30 часот е втората претстава во конкуренција. Прилепскиот театар на матичната сцена ќе ја изведе претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветаноски.

Во рамките на Фестивалот целиот ден има театарски настани. Од 10 часот во киното „Мис Стон“ е детската зона „Чернодрински за деца“, поддржана од фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, а од 17 часот се отвораат фестивалските зони.

Зачлени се на нашиот е-билтен