Кетрин, принцезата од Велс, следната недела ќе отпатува во Италија, во прва официјална странска посета по лекувањето од рак. Посетата во Реџо Емилија, закажана за 13 и 14 мај, ќе биде дводневна соло работна мисија посветена на раниот детски развој, тема што веќе неколку години е во центарот на нејзината јавна работа.
Ова не е класична кралска посета со дипломатски протокол, свечени приеми и голема церемонијалност. Изборот на Реџо Емилија е внимателно поставена порака. Италијанскиот град е познат по образовниот пристап „Reggio Emilia“, кој го гледа детето како активен учесник во сопствениот развој, а не како пасивен примател на знаење. Токму затоа посетата се вклопува во работата на Royal Foundation Centre for Early Childhood, организација што Кејт ја основа во 2021 година за да го стави фокусот врз првите години од животот.
За британското кралско семејство, патувањето има и лична тежина. Принцезата од Велс во 2024 година јавно соопшти дека прима третман по дијагноза на рак, а потоа постепено се враќаше на јавните должности. Оваа посета ќе биде нејзино прво официјално патување надвор од земјата по здравствената пауза и прв пат нејзината работа за раниот детски развој да добие јасна меѓународна димензија.
Во Италија таа треба да се сретне со воспитувачи, родители, деца, локални лидери и претставници од јавниот и деловниот сектор. Целта не е само да се види еден успешен образовен модел, туку да се поврзе прашањето за детскиот развој со поширока општествена одговорност, од семејството и училиштето до институциите и работната средина.