Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Брзото возење и алкохолот се најчеста причина за сообраќајки во Македонија

Во Македонија се вози брзо, без дозвола, на црвено и под дејство на алкохол. Овие прекршоци се помеѓу најчестите фактори за незгодите со тешки последици. Анализата на МИА покажува дека возачите често не носат појас, паркираат на недозволено место и користат мобилен телефон додека управуваат со возилото. Ова ја отсликува сообраќајната култура кај нас која надлежните ја оценуваат како ниска.

МИА го анализираше вкупниот број на дел од прекршоците од Законот за безбедност на сообраќајот за изминатите три години. Впечатокот е дека засилените акцииски контроли во собраќајот на Министерството за внатрешни работи ги зголемија и изречените санкции.

Според анализата, за брзо возење, од 2021 до 2023 порастот на прекршоци изнесува 25 проценти, а најголем раст има во делот на возење под дејство на алкохол, каде што од 4 879 во 2021 година, прекршоците се зголемуваат на 9 911 во 2023.

За возење без возачка дозвола, растот на прекршоци изнесува 96 проценти, а раст е забележан и во делот на поминување на црвено, со 438 евидентирани прекршоци во 2021 и 621 во 2023 година.

Тони Ангеловски, помошник министер за односи со јавност и стратешки прашања во МВР, вели дека овие прекршоци се најчести и се главна причина за тешки сообраќајни несреќи.

-Зборуваме за пребрзото возење, возење под дејство на алкохол, недавање на предност, главните причинители за тешките сообраќајни несреќи. Се разбира, поради тоа ги спроведуваме акциските контроли за санкционирање. Паралелно со тоа работиме и во превентивниот дел. Преку медиумите, со предавање во училиштата и собири со граѓаните, каде што ја упатуваме пораката дека мора да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, затоа што, доколку не ги почитуваме, можеме да бидеме причина за тешка сообраќајна несреќа, вели тој.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, велат дека ова се прекршоци со најголем број на настрадани, за нив нема никаква толеранција и најостро се санкционираат, а совеста на возачите се отсликува врз сообраќајната култура.

-Колку сме културни како народ, толку сме културни и во сообраќајот. Изминатите години, заедно со партнерите од МВР и со медиумите, правиме многу кампањи. Изгледаат чести и про-форма, меѓутоа, со апели и потсетување на граѓаните. Бележиме напредок во подигнувањето на јавната свест и сообраќајната култура. Но, за жал, тоа е сѐ уште на ниско ниво, бидејќи секојдневно сме сведоци, може десет луѓе да се со висока свест во сообраќајот, доколку еден помеѓу тие десет се покаже со ниска свест и без сообраќајна култура, ќе ја расипе целата слика и може да доведе до несакани последици, велат оттаму.

Додека законот вели дека за време на управувањето со возилото не смее да се користат уреди кои ја намалуваат можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило, мобилниот телефон останува најчестиот одвлекувач на внимание кај возачите. За овој прекршок, во изминатите три години МВР изрекле 7 108 казни.

Ова претставува уште еден значаен фактор на ризик во сообраќајот, кој, според новиот извештај на Европската опсерваторија за безбедност на патиштата при Европската Комисија, може да го зголеми ризикот од сообраќајна незгода за 2,5 пати.

Прскањето на пешаци е позната појава во сообраќајот на нашите патишта, но, не толку позната во казнената евиденција на МВР. Една од причините за тоа е тоа што овој прекршок мора да биде затекнат од полициски службеник, во спротивно, е тежок за докажување.

Според податоците од МВР во изминатите три години биле изречени само 39 санкции за прскање на пешаци.

Трендот на паркирање на недозволено место, исто така, се зголемува изминатите три години, со раст од 31 проценти, или, вкупно изречени 6 369 санкции.

Според санкциите на МВР, анализата покажа дека се зголемува и бројот на возачи кои не носат безбедносен појас. Од 2 852 во 2021 година, полицијата изрекла скоро дупло санкции во 2023 година, или, вкупно 10 740 за изминатите три години.

Зачлени се на нашиот е-билтен