ЦГК: Една или на неколку фирми доминираат со договори за проектите од унгарските кредити

ЦГК

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето за владините проекти за општините од т.н. Унгарски заем, со конкретни препораки за потранспарентно, пофер и подобрено финансирање на инфраструктурните проекти во општините.

Од октомври 2024 година наваму, Владата им одобри на општините вкупно 111.662.612 евра за инфраструктурни проекти, од парите од т.н. Унгарски заем. Парите беа доделени преку шест министерства, во зависност од тоа за какви проекти се наменети.

Генерален заклучок во истражувањето на ЦГК е дека одобрените средства од Владата за општините од Унгарскиот кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци, зголемувајќи ги:

– износите на нивните капитални расходи во буџетите за 2025 година, во однос на реализацијата за 2024 година, просечно дури за 92 %;

– буџетите за 2025, во однос на реализираните буџети за претходната година, просечно за 37 % и – нивните јавни набавки во 2024 година, во однос на 2023 година, просечно за 40 %.

ЦГК утврди дека средствата не биле рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ.

Според наодите на истражувањето, најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието.

Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период, иако значаен дел од нив се всушност поправка, реконструкција или изградба на улици и слични локални инфраструктурни зафати, заклучува ЦГК.

Истражувањето покажа отсуство на јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година.

Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите, констатира ЦГК, предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на локалните избори.

Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите.

За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и во 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори, ниту образложение за причините за кратењето на средствата.

Извештајот на ЦГК  е финансиран од Европската унија во рамки на проектот „Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година“.

Целиот извештај на ЦГК можете да го видите на овој линк.

Најчитано