Викендов успешно заврши 14-тото издание на „Тур де Галичица“ – традиционален велосипедско-планинарски настан во Преспа што повеќе од една деценија ги обединува љубителите на природата, рекреацијата и авантурата.
Како што информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД), она што започна во 2013 година како искрен израз на љубов кон природата од група локални ентузијасти од здружението „Преспа Бајк“, годинава обедини повеќе од 250 учесници од целиот свет.
Покрај бројните македонски гости, на настанот учествуваа и љубители на природата од Аргентина, САД, Канада, Мексико, Турција, Јордан, Казахстан, Унгарија, Србија, Словачка, Украина, Холандија, Франција, Велика Британија, Италија и Португалија.

Учесниците оваа година имаа можност да ги доживеат уникатните природни вредности на Националниот парк „Галичица“ преку велосипедска тура низ планината, искачување на највисоките врвови Магаро и Кота Ф10, како и посета на островот Голем Град.
Од МЕД велат дека било особена чест и задоволство да бидат дел од оваа автентична преспанска приказна веќе неколку години, која постепено се изгради во вистински бренд на Преспа.

Во таа насока, овогодинешните официјални маички на „Тур де Галичица“ беа спонзорирани преку проектот финансиран од Европската Унија „Иницијатива за зелена и сина Преспа“, имплементиран од Македонското еколошко друштво, Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.
