Иако постојат дискусии за односот помеѓу иницијативите Отворен Балкан и Берлински процес, Нола Исмајлоска-Старова, која до неодамна беше вклучена во иницијативата Отворен Балкан, а сега е претставничка на Српската стопанска комора во Македонија, во поткастот „Каде се парите?“ тврди дека, напротив, иницијативите се комплементарни.
„Знам дека во јавноста постои верување како да се непријатели Отворен Балкан и Берлински процес но целосно нема да се сложам. Баш процесите се многу комплементарни и во еден период кога Берлинскиот процес беше како во некое мирување тогаш и се појави идејата за Отворен Балкан“ рече Исмајлоска-Старова.
Таа додаде дека токму постигнатите договори во Отворен Балкан, покажаа дека регионот има способност за соработка, што овозможи Берлинскиот процес да се врати уште посилен.
Исмајлоска-Старова додаде дека во рамките на иницијативата Отворен Балкан веќе има договор за признавање на дипломите меѓу трите држави, убрзан е многу процесот за нострификации и признавање, а сличен договор беше понатаму потпишан во Берлински процес и дополнително за признавање на некои струки, нешто на кое се работело и во Отворен Балкан.
„Отворен Балкан е секако поддржан од САД, но беше инцицијативата направена од тогашниот премиер Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама, ако не се лажам во Нови Сад. Оваа иницијатива навистина добро прифатена и од општесството и можеби баш реакцијата на општеството покажа дека сакаат некогаш да имаме и сопствени иницијативи“ рече Исмајлоска-Старова.
Таа го поздрави учеството на актуелната влада на винскиот саем и изрази уверување дека тоа што е започнато во рамките на иницијативата нема да застане, бидејќи носи позитивен ефект за општеството, не само во економски бројки.
„Проектот е доста популарен и меѓу граѓаните што покажува дека има задоволство од мерките кои што сме успеале да ги завршиме во претходните 2-3 години“ рече таа.