Нема кој да сади, нема кој да бере: земјоделството останува без млади

земјоделците
Фото: Локал Актив, медиум на заедницата

Македонските лозари и овоштари и годинава се соочуваат со сериозен недостиг на сезонски работници, иако дневниците се зголемени. За берба се плаќа до 1.800 денари, а за утовар на грозје и до 2.500 денари за околу шест часа работа, но младите сè помалку се заинтересирани да работат на нива. 

Со почетокот на бербата на грозјето, повторно се отвора истото прашање кај производителите во Тиквешието: каде да се најдат луѓе за работа? Според лозарите, работната сила во земјоделството главно ја сочинуваат повозрасни лица, најчесто на возраст од 55 до 75 години. 

„Нема луѓе, нема кој да сади, нема кој да бере“, велат земјоделците, посочувајќи дека нивите сè повеќе остануваат во рацете на постарите генерации кои го продолжуваат семејното производство.

Во Кавадарци, каде што започна бербата на раните сорти грозје, лозарите веќе ги чувствуваат последиците од недостигот на работници. За берачите годинава дневницата достигна 1.800 денари, додека оние што работат на утовар можат да заработат 2.500 денари. Сепак, ниту повисоката заработка не е доволна за да се обезбеди потребниот број работници. 

Дополнителен проблем е што дел од домашните сезонски работници заминуваат во странство. Според претставници на лозарите, дел од берачите од Македонија во сезоната заминуваат во Италија, каде што за слична работа можат да заработат повеќе. 

Недостигот не е ограничен само на лозарството. Слична состојба има и во овоштарството, особено во Преспанскиот Регион, каде што за бербата на јаболката традиционално се ангажираат и работници од Албанија. 

Од Организацијата на работодавачи на Македонија оценуваат дека законските олеснувања за сезонско ангажирање го намалиле проблемот со непријавената работа, но не успеале да го решат хроничниот недостиг на работна сила. Според нив, младите не се заинтересирани за сезонска работа во земјоделството, а проблемот се појавува и во други сектори, како угостителството. 

Причините се пошироки од самата висина на дневницата. Земјоделството бара физичка работа, долги работни денови и зависност од временските услови, додека приходите зависат од приносот и откупните цени. Во исто време, младите имаат можност да споредуваат колку можат да заработат во странство за иста или слична работа.

Слични предупредувања се слушаат и од земјоделските организации. Според претставници на Националната земјоделска мрежа, младите не ја гледаат земјоделската работа како сигурна перспектива поради високите трошоци за производство, климатските промени, слабата инфраструктура во руралните средини и несигурните приходи. 

Од Министерството за земјоделство, пак, најавуваат мерки за поголема поддршка на младите кои сакаат да започнат сопствен земјоделски бизнис. Во новиот Закон за земјоделство и рурален развој е предвидена посебна мерка за директна поддршка и грантови за младите кои ќе инвестираат во земјоделството и ќе се вклучат во производство во руралните средини. 

Во меѓувреме, земјоделците се принудени да бараат работници надвор од земјата. За бербата на јаболката во Преспа и годинава се очекува ангажирање сезонски работници од Албанија, што покажува колку домашното земјоделство станува зависно од странската работна сила. 

Покрај недостигот на работници, лозарите годинава очекуваат и помал принос поради сушата и пролетните мразеви. Според нивните процени, производството на винско грозје може да биде околу 80 до 85 милиони тони. 

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?