Нуркачите од нуркачкиот центар Амфора од Охрид, традиционално кај Музејот на вода го „запалија“ василичарскиот оган под вода и ја најавија Старата нова година.
Оваа уникатна манифестација, стана препознатлив симбол за Охрид и регионот, а нуркачите, облечени во специјална опрема, симболично го палат огнот на дното на Охридското Езеро, создавајќи спектакуларна слика што го привлекува вниманието на локалното население и туристите.
Со оваа активност, Амфора не само што ја честита Старата нова година и Василица, туку и ја оддава својата поддршка на претстојните празници – Богојавленије Водици и Св. Јован крстител, кои се од особено значење за православните христијани и рибарите во Охрид.
Исто така една недела пред верскиот празник Богојавление – Водици, нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“, и покрај снежните врнежи, реализираа акција за чистење на дното на Охридското Езеро кај градското пристаниште. Ова место ќе биде централно за традиционалното фаќање на крстот кое се одржува на 19 јануари, објави Охрид њуз.
Во акцијата за отстранување на опасен отпад од езерото, кој може да ја загрози безбедноста на капачите, учествуваа дваесетина нуркачи. Тие го чистеа потегот од „колцено“ кај Езерото, па сè до Капетанијата на пристаништата, поминувајќи и пред кејот од „Александрија“.
„Од езерското дно извадивме поголемо количество различен цврст отпад кој го одложивме на договорена локација на кејот. Оттаму, отпадот ќе го преземат екипите на ЈП ‘Охридски комуналец’“, информираа од Клубот за подводни дејности „Охрид“.
Нуркачите ќе бидат задолжени за обезбедување на безбедноста на капачите за време на празникот Водици. Истовремено, упатија апел до сите кои ќе учествуваат во капењето во студените води да се воздржат од консумирање алкохол и строго да ги почитуваат безбедносните правила.