Парк на Франкофонијата – Место за поврзување на генерациите [Видео]

Франкофонијата

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја прифати идејата и сугестијата на граѓаните на општината и на градот Скопје, дека Паркот на Франкофонијата треба да биде отворено место, не само како зелена оаза, туку и како место за спроведување на активностите на граѓаните и на граѓанските организации.

Зоран БОЈАРОВСКИ

За Паркот на Франкофонијата во Скопје, во Општина Центар, се знае дека е донација на Република Франција, во чест на војниците на француската република, кои во 1918 година ги биеле битките за Скопје за време на Првата светска војна.

Во Паркот е поставена и спомен плочата за тие настани, но во меѓувреме, парко стана не само сеќавање, не самио меморабилија за тоа за што е организиран, туку стана едно вистински живо место во кое скопјани доаѓаат бидат во зелената оаза на паркот, но и да ги следат многубројните активности што речиси секојдневно се одржуваат овде во паркот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја прифати идејата и сугестијата на граѓаните на општината и на градот Скопје, дека паркот треба да биде отворено место, не само како зелена оаза, туку и како место за спроведување на активностите на граѓаните и на граѓанските организации.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски

„Паркот на Франкофонија е уште една потврда на нашата определба јавните простори да им припаѓаат на граѓаните. Како локална самоуправа, континуирано инвестираме во уредување и одржување на парковите, но истовремено создаваме и нови зелени катчиња низ Општина Центар. Денес парковите не се само место за прошетка – во нив создаваме детски и спортски игралишта, фитнес-зони и содржини што им овозможуваат на граѓаните активно и квалитетно да го поминуваат своето слободно време. Нашата цел е секој парк да биде уреден, безбеден и достапен за сите, затоа што веруваме дека токму ваквите јавни простори го подобруваат квалитетот на живот во нашата општина“, истакна Горан Герасимовски за Рацин.мк за потребите на оваа репортажа.

Мобилната галерија на Центарот за современи уметности

Меѓу многубројните активности во паркот се и оние на Центарот за современи уметности. Центарот тука има мобилна галерија како своевидно место за логистика на сите останати организации кои тука ги одржуваат своите настани.

Никола Писарев, од Центарот за современи уметности, има многу прецизен став за тоа колку се важни јавните простори и како тие добиваат живот.

„Ние сфативме, гледајќи триесет години наназад, како, всушност, еден јавен простор станува приватен простор, а тоа е ако не му дадете содржина, ако ги избркате луѓето. Почнувајќи од таа идеја, ние рековме ајде да видиме, ќе правиме разни уметнички интервенции, инсталаации во тие такви површини колку можеме повеќе за да ги ‘окупираме’ на тој начин тие простори со некакви креативи за да не оневозможиме „антиокупација“, односно да спречиме прво девастација, а после и пренамена на тие простори“, истакнува Писарев.

Никола Писарев, Центар за современи уметности

Писарев вели дека Галеријата е на сите. Таа е од отворен тип и се користи за најразлични намени, за сето она што влегува во урбана култура, на културна продукција којашто нуди квалитет.

„Активностите, сржта на активностите на Центарот се 30% од вкупните активности, другите се на активности насочени кон граѓаните, активности на разни групи, формални, неформални од општина Центар, од Скопје, коишто изведуваат свои активности, коишто го имаат ова како свое место за делување“, објаснува Никола Писарев ов Центарот за соврмени уметности.

Со градоначалникот Герасимовски разговаравме и за неговата замисла за концептот на паркот и за тоа како овој простор обедини повеќе генерации и афинитети на различни групи граѓани во Паркот на Франкофонијата препознаа место за нивните активности.

„Концептот на Паркот на Франкофонија е да биде простор што ги обединува сите генерации. Во изминатите два месеци тука се одржаа десетина концерти, традиционални манифестации за промоција на локални бизниси, меѓународни настани, детски и спортски активности. Практично, имавме сè – од народни песни и ора, до изложба на мотори од европски размери. Токму тоа е идејата – секој што ќе дојде во Паркот на Франкофонијата да најде содржина што му е блиска“, нагласува Герасимовски.

Паркот на Франкофонијата е мал по површина но богат со настани кои се паметата. Некои музички настани кои на паркот му даваат сосема нова димензија. Како традиционалниот концерт во организација на Општина Центар „Нешто што ќе остане“ или концертите на младите рокери од Училиштето за рок „Ентерпрајс“, кои деновите додека ја подгтвуваме оваа репортажа го одржаа својот годишен концерт.

„Нашите ученици спремија 29 одлични композиции, тоа се стари кавери, стари рок кавери, затоа и „Ви вил Рок Ју“ се вика настанот . Поддржан е од Општина Центар оваа година, им благодариме на општината многу. Настанот е организиран во рамките на проектот за култура за 2026 година на Општина Центар“, ни рече Валентино Скендеровски од Училиштето за рок „Ентерпрајс“.

Таа вечер Паркот звучеше како да е главен град на рокенрол светот.

„Паркот на Франкофонијата вечерва, и публиката што е тука, имаат можност да чујат деца кои, доколку затворите очи, звучат, свират и пеат како возрасни. Се надевам дека на сите ќе им се допадне ова. На крајот на краиштата нашето училиште има многу фанови. Вечерва имаме побвеќе од 1000 луѓе како публика, така што уживајте во вечерта“, порача Скендеровски.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, имајќи го сето ова предвид, има причини да верува дека паркот ја остварува неговата замисла.

„Кога ќе видите деца како си играат, млади кои се дружат, семејства кои поминуваат време заедно и повозрасни кои уживаат во настаните, тогаш знаете дека паркот ја исполнил својата вистинска улога – да ги поврзува луѓето“, рече на крајот на нашата средба во Паркот на Франкофонијата, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Најчитано