По долгогодишно чекање, проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ влегува во завршна фаза. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека наскоро ќе почне поставувањето на првиот слој асфалт на потегот меѓу Пинтија и Драчево.
Според информациите од Град Скопје, трасата е целосно ослободена, изградена е новата атмосферска канализација, а од едната страна е завршено и тампонирањето на коловозот. Следниот чекор е асфалтирањето.
Станува збор за делница долга околу 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, која со години беше едно од главните тесни грла на овој сообраќаен правец. Проектот предвидува четири коловозни ленти и пешачко-велосипедска патека.
„За само нешто повеќе од три месеци ги решивме проблемите што ја кочеа изградбата на булеварот ‘Борис Трајковски’ и секојдневно создаваа вистинска голгота за повеќе од 100.000 граѓани“, соопшти Ѓорѓиевски.
Еден од главните проблеми што претходно ја блокираа реализацијата беше незавршената експропријација на имотите долж трасата. Во февруари Градот соопшти дека е постигнат договор со сопствениците и стопанствениците, по што во мај почна пробивањето на делницата и поставувањето на околу 610 метри атмосферска канализација.
Булеварот „Борис Трајковски“ е една од главните сообраќајни врски меѓу Кисела Вода, Пинтија и Драчево, а неговото недовршено проширување со години создаваше метеж и забавено движење на јужниот влез во Скопје.
Паралелно со работите на булеварот, започна и реконструкцијата на главниот мост над Маркова Река во Драчево.
