Кога граѓаните ќе паркираат возило, ќе испратат СМС порака за плаќање или ќе користат повластена паркинг карта, најчесто ја гледаат само услугата што ја добиваат. Но, зад секое слободно паркинг место, секоја обележана зона и секоја издадена паркинг карта стои мрежа од луѓе, услуги и технички процеси што секојдневно ги организира ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ).
ЈП Паркинзи на Општина Центар веќе одамна не е само претпријатие кое наплаќа паркинг. Зад услугите стојат технолошка, логистичка и теренска организација што секојдневно овозможува функционално користење на паркинг просторот за илјадници возила, со една клучна цел: поуреден и пофункционален Центар.
Претпријатието управува со зонското паркирање во Општина Центар, кое е поделено на повеќе зони и сектори со различен режим на користење. Истовремено, претпријатието стопанисува и со затворени паркиралишта со рампа, како и со јавни и монтажни гаражи кои претставуваат важен дел од вкупниот паркинг капацитет во Центар.
Секојдневното функционирање на овој паркинг услугите подразбира обележување и одржување на паркинг местата, поставување и обновување на сообраќајната сигнализација, контрола на користењето на паркинг просторот и грижа за безбедноста и достапноста на услугите.
Голем дел од активностите на ПОЦ се поврзани со издавањето и администрирањето на повластените паркинг карти за жителите на Општина Центар.
Со новите измени, со кои се предвидува бесплатно паркирање за првото возило по станбена единица, претпријатието ќе применува уште попрецизен модел на евиденција и контрола, со цел паркинг просторот да се користи пофер и поефикасно.
Покрај жителите, ПОЦ издава и месечни карти за правни лица, вработени, фирми и други корисници кои имаат потреба од редовно користење на паркинг услугите.
Во последните години значително е зголемен бројот на електронски услуги кои им се достапни на граѓаните.
Плаќањето преку СМС порака, скенирање QR-код, мобилни апликации и електронски карти овозможуваат побрзо и поедноставно користење на паркинг услугите.
Преку електронските платформи граѓаните можат да добијат информации, да користат различни типови паркинг услуги и да управуваат со своите кориснички профили без потреба од физичко присуство.
Токму дигитализацијата е еден од сегментите во кои ПОЦ планира дополнителни инвестиции во наредниот период.
Ниту еден систем на паркирање не може да функционира без контрола и почитување на правилата.
Затоа, покрај организацијата на паркирањето, ПОЦ секојдневно спроведува контрола на терен преку своите овластени служби. Нивна задача е да обезбедат правилно користење на паркинг просторот, да спречат злоупотреби и да овозможат еднакви услови за сите корисници.
Во случаите на непрописно паркирање, попречување на сообраќајот или користење на паркинг простор без право, интервенира и специјалната служба „Пајак“ во соработка со сообраќајната полиција, како и службите задолжени за поставување блокатори на возилата кои не ги почитуваат важечките правила.
За ПОЦ, паркирањето не е само обезбедување место за возило. Тоа е секојдневно управување со ограничен јавен ресурс кој треба да биде достапен, функционален и правично распределен.
Токму затоа новите правила, дигитализацијата и инвестициите во системот се насочени кон една цел – повеќе ред, подобра услуга и поголема достапност на паркинг просторот за жителите на Општина Центар.
