Интензивната интервенција на депонијата „Мелци“ во Кавадарци продолжува и денеска, а на терен се ангажирани булдожери, багери, камиони, цистерни и екипи на ЈП „Комуналец“ со цел целосно да се прекине чадењето и состојбата да се стави под контрола.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев информира дека механизацијата и човечките ресурси се максимално ангажирани.
„Ќе се работи интензивно и континуирано, сè до целосно стабилизирање на состојбата и целосно прекинување на чадењето“, објави Јанчев.
Во акцијата се вклучени и компании и институции кои обезбедиле дополнителна механизација и ресурси.
Пожарот ја зафати градската депонија „Мелци“ во текот на вчерашниот ден, а противпожарните и комуналните екипи интервенираа и во текот на ноќта.
Јанчев претходно изјави дека начинот на избувнување на пожарот отвора сериозни сомневања дека тој бил намерно подметнат. Според него, случајот треба целосно да биде истражен од надлежните институции.

