Скопје се поврзува (повторно) со директни летови со Барселона и Лион

Меѓународниот аеродром Скопје од 3 мај ќе биде поврзан со градовите Барселона и Лион. Овие се летови кои што се враќаат по неколку години пауза.

Авионските летови ќе бидат извршувани од буџетната авиокомпанија „Виз ер“ со финансиска помош од Владата на РСМ, потврдија денес на прес-конференција ТАВ Македонија и Виз Ер. На релацијата Барселона – Скопје ќе има авионски линии двапати неделно, во вторник и сабота, а до Лион трипати, во вторник, четврток и сабота.

Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18:50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни карти за авион преку избор на социјалните мрежи.

“По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер”, изјави денес на прес конференција Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион. Како што рече Курт, тој е посебен град кој има многу да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда.

Зачлени се на нашиот е-билтен